Се појави птичји грип во Македонија, но власта молчи наместо да ја информира јавноста и да преземе итни мерки, обвини денеска ВМРО-ДПМНЕ.
– Р. Македонија за многу кратко време се соочува со уште една опака заразна болест, птичји грип кај живината. Болеста е лабораториски потврдена во с. Злокуќани, Општина Карпош, но надлежните во Агенцијата за храна и ветеринарство се однесуваат како да се на колективен годишен одмор. Јавноста не е информирана, НЦКБ (националниот центар за контрола на болеста) не може да се собере, а уште помалку да донесе сет на мерки, живинарските производни капацитети не се запознаени, а со тоа и не се ставени во состојба на зголемена претпазливост – велат од партијата.
ВМРО-ДПМНЕ прашува:
– Што треба да се случи во државата за да најповиканите понесат одговорност. Живинарството е под закана на големи загуби. Агонијата во сточарското производство продолжува. Р. Македонија час поскоро мора да се ослободи штетните политики со кои СДСМ 5 години по ред носат безидејност и ниска продуктивност во македонскиот аграр.