Влада и во време на криза се луксузира и ги троши парите на граѓаните за непродуктивни трошоци, обвини денеска ВМРО-ДПМНЕ.
– Иако знаеле пред 4 месеца дека не очекува тешка економска криза, сепак СДСМ и Димитар Ковачевски продолжиле да се луксузираат и да трошат на непродуктивни работи. Владата и Службата за општи и заеднички работи вчера признаа дека во време на криза, кога граѓаните и компаниите се оставени сами да се снаоѓаат, потрошиле 50.000 евра за набавка на кафе. Пред само 10 дена, СОЗР исто така набавила и режано цвеќе во вредност од 50.000 евра. Целосна одлепеност од реалноста, во време кога владата и Собранието ги одби мерките на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на акцизата за горивата и намалувањето на ДДВ за прехранбените продукти, СДСМ и Ковачевски си поклонувале режани цвеќиња- велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додваат дека владата потрошила 200.000 евра за хотелски услуги.
– Додека граѓаните чекаа пред бензинските пумпи за да заштедат некој денар, Владата потрошила над 200.000 евра за хотелски услуги. 200.000 евра, пари на граѓаните наместо да завршат кај граѓаните, се потрошени за луксузирања на министрите и Ковачевски.За СДСМ, ДУИ и администраторот Ковачевски поважно е да пијат кафе, да си поклонуваат цвеќиња и да се луксузираат по хотели, отколку да им се помогне на граѓаните и стопанството. Ова е вистинското лице на оваа расипничка власт, луксуз и забеганост. Побитен им е нивниот луксуз, отколку грижата за стандардот на граѓаните – велат од ВМРО-ДПМНЕ.