Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, денеска до Собранието на Република Македонија поднесе предлог закон за дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по скратена постапка.
Овој предлог закон предвидува зголемување на пензиите за 20%, од месец април 2022 година.
– Имајќи ја во предвид појавата на пораст на цените на одделни производи и електричната енергија кои се од витално значење за пензионерите како потребата од подобрување на животниот стандарт, сметаме дека треба да се обезбеди зголемување на старосната пензија, но и на сите останати видови пензии. Секој пензионер има право да живее пристојно, со доволно средства да ги подмири основните трошоци за храна, греење, лекови и т.н. Со растот на минималната плата, соодветно е да растат и пензиите, со цел обезбедување на рамноправност и еднаквост на пензионерите со останатите граѓани – изјави Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека имаме генерациска должност да се грижиме и да ги почитуваме повозрасните граѓани кои во еден период допринесувале за државата со својот труд, за што треба да им бидеме благодарни. Доколку не постои зголемување на пензиите, пензионерите ќе бидат доведени до раб на сиромаштија поради неможност да ги подмират основните животни трошоци,
– Цениме дека со предложеното законско решение ќе се подобри социјалната положба на корисниците на пензија во 2022 година со порастот на сите видови на пензија за 20%. Преку ова форма на усогласување ќе се зачува реалната вредност на пензиите и се заштитува стандардот на пензионерите – додаде Мицевски.