More

    Бугарите стравуваат од евентуално изненадување од премиерот

    spot_img

    Подготвен ли е бугарскиот премиер Кирил Петков да си ја жртвува политичката кариера и практично да ѝ приреди салто-мортале на владината коалција само за да го реши македонско-бугарскиот спор и да ѝ овозможи членство на Македонија во Европската Унија?

    Во последно време, ова прашање стана прилично актуелно кај нашиот источен сосед, особено откако бугарскиот премиер во своите изјави започна да наведува сѐ пократки и пократки рокови за нови придвижувања на работите.

    На пример, по неодамнешната средба со премиерите на Македонија, Романија и на Црна Гора, Петков истакна дека за Скопје има место во европското семејство и дека бугарската влада е посветена да го постигне тој резултат што е можно побрзо.

    Токму ваквата негова оптимистичка реторика го распламти стравот кај политичките неистомисленици, кај опозиционерите и кај политичките аналитичари, кои предупредуваат дека Владата на Петков би можела наскоро да започне да инсистира без компромис да се укине ветото за Македонија.

    Бугарскиот политиколог Димитар Ганев во емисијата „Офанзива“ на бугарската ТВ Нова рече дека темата Македонија во бугарското Народно собрание не може да свика мнозинство, но дека може да има решение преку Советот на министри, односно преку Владата, што е потег ризичен за коалицијата на Петков.

    – Опозицијата ќе отвори многу моќен фронт во коалицијата со Бугарската социјалистичка партија (БСП) и со партијата Има таков народ (ИТН), доколку „Промените продолжуваат“ инсистира без компромис да го укине ветото на преговорите со Република Северна Македонија и тоа може да биде блиску до колапс на коалицијата – предупреди Ганев.

    Македонските аналитичари, пак, велат дека стравот кај Бугарите од евентуално такво сценарио не е оправдан и дека бугарскиот премиер Кирил Петков никогаш не би дозволил да биде впишан е во историјата како најголемиот предавнички премиер на Бугарија.

    – Решението на бугарско-македонскиот спор ќе биде само на штета на Македонија. Не постои ни минимална шанса двете земји да постигнат договор, а Бугарија да биде оштетената страна. Ова треба да ни биде кристално јасно, особено кога веќе еднаш поминавме низ истото кога се решаваше проблемот со Грција. Македонија најпрво го загуби знамето, а потоа и државното име. Истото ќе се случи и кога ќе дојде време за решавање на бугарскиот спор. Не треба да нѐ залажуваат паничните напади од некои бугарски опозиционери дека Кирил Петков наводно е подготвен да си ја жртвува политичката кариера и да предизвика пад на бугарската Влада само за да го реши бугарско-македонскиот спор. Тоа се најобични внатрешни превирања и политички игри на бугарските политички партии. На сите ни е јасно како одат тие работи и не треба да бидеме наивни – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски за Плусинфо.

    Интересно е тоа што и македонскиот премиер Димитар Ковачевски во последно време започна да користи слична реторика како онаа на бугарскиот колега Петков. Според македонскиот премиер, задоцнетиот процес на интеграција во ЕУ е извор на системска ранливост, чиишто ефекти се прелеваат на целиот регион, а злонамерните актери лесно и вешто го искористуваат.

    Според Ковачевски, сега е важно да се одржат првите меѓувладини конференции и сега е идеално време да се отпочнат пристапните преговори со Македонија.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img