Владата не нуди даночни реформи, како што се очекуваше, туку дополнително оптоварување на бизнисите и граѓаните за да собере повеќе пари во буџетот и да има за отплата на долговите, реагираат дел од стопанствениците и економистите на најавите за воведување нови даноци преку кои владата очекува годишно да собере дополнители 54 милиони евра почнувајќи од следната година.
Министерот за финансии Фатмир Бесими вчера ги презентираше даночните реформи, со кои покрај другото е предвидено да се плаќаат придонеси за договорите на дело, да се оданочат каматите на штедните влогови и да се воведе зелен данок. Бесими најави дека за прогресивното оданочување на личните примања, кое беше најавено за 1 јануари следната година, дополнително ќе се разговара. Тој најави и големи фискални реформи.
Бизнисмени и економисти сметаат дека со најавените даноци, кои според нив во основа се неправични спрема одделни бизниси и категории граѓани, се покажува дека државата лошо управува со финансиите и не успева да ги собере веќе воведените даноци. Дополнително се посега по нови давачки во најлош момент за бизнисите и граѓаните.
-Ако се спореди работењето на бизнисите, од една страна, и државата во однос на управувањето со финансиите, ситуацијата е следна: Бизнисите прават ребаланси на буџетите само кога имаат зголемени трошоци поради товар од новите измислени давачки, а државата прави ребаланс кога одделни нејзини сегменти не ги потрошиле планираните пари, бидејќи не знаеле или не умееле да менаџираат со парите. Сакам да кажам дека кога државата лошо управува со финансиите и не успева да ги собере даноците, таа посега по нови давачки со кои сака да го покрие незнаењето и слабата оперативност на институциите. А кој најмногу затајува и не плаќа данок? Јавните институции. Значи проблемот со кусок на пари може да се разрешува од таму без да се посега по нови даноци – вели Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата.
Според него, владата одбрала најлош момент за нови оптоварувања на стопанството и граѓаните.
– Со новите оптоварувања само дополнително се туркаат луѓето и бизнисмените да се свртат кон сивата економијата или ќе ги натера да ги преселат своите бизниси во други земји, каде што даночните оптоварувања се помали. Дополнително се дава јасна порака до странските инвеститори да не инвестираат во земјава – вели Бошков.
За него, единствено што можеби е оправдано во најавените реформи е зголемувањето на ДДВ.
– Но, и тука главен услов е 100 отсто од тоа зголемување да оди за локалната самоуправа преку подобрување на децентрализацијата и под одредени услови кои ќе овозможат правилно користење на парите – додава тој.
Марјанчо Николов, економист и поранешен пратеник од редовите на СДСМ, сметаа дека владата треба прво да биде на чисто што сака да постигне со овие реформи – дали сака пари за да ги отплаќа долговите или пари за финансирање на проекти во прилог на граѓаните и бизнисите.
– Едно е сигурно дека при најава на реформа е потребно да се направат анализи кои ќе покажат што се добива, а што се губи, кој ќе се оданочува со каква стапка под кои услови и по кои критериуми. Дали притоа се губат работни места и можности за нови инвестиции? Министерството за финансии треба да понуди јасен концепт на реформите со утврдени јасни услови за оданочување. Само така ќе може да бара мислење од јавноста, која врз основа на тоа ќе може да го изгради ставот. Не само со најава дека ќе има јавна расправа по која ќе се види што ќе се прави – вели Николов.
Според него, во овој момент најважно е да се дејствува на сивата економија, кај која се задржуваат од 800.000 до 1 милијарда евра.
– Да се легализира само 10 отсто од тоа, ќе биде доволно, бидејќи на овој дел од економијата многу тешко се влијае – вели тој.
Николов апелира да се биде посебно внимателен со оданочувањето на заштедите на граѓаните и бизнисите, бидејќи може да се случи тие да ги повлечат парите од банките што ќе биде лошо за банкарскиот систем.
– Осумдесет отсто од капиталот на банките е од заштедите на граѓаните. Во контекст на овој данок може да се размисли каде би можеле да ги инвестираат парите тие што штедат. Ако се за инвестиции кои ќе отворат работни места тогаш е добро и не треба да се оданочуваат, но ако се луксуз, ќе требаат даноци. Но притоа треба јасно да се дефинира што е луксуз – вели тој.
Во однос на воведување персонален данок на хонорарна работа тој смета дека и овде треба да се размисли кој ќе се даночи и колку тоа ќе биде правично за луѓето кои немаат редовен работен однос.
– Невработените кои работат хонорарно ќе треба да плаќаат персонален данок, но тие повторно ќе бидат во нерамноправна положба во однос на другите. Тука треба да се размисли за доброволно плаќање на овој данок – дали секој од нив ќе сака да плаќа здравствено и пензиско осигурување – додава тој.
Николов вели дека не треба да се напушти прогресивното оданочување, но не да се плаќа данок на личен доход, туку данок на луксуз.
– Да се оданочува сè она што пред тоа јасно ќе се дефинира под луксуз – неколку куќи, коли, друг имот. Но не и да се даночи личен доход на граѓаните како што претходно беше планирано – вели тој.
Од Сојузот на стопански комори сметаат дека зголемувањето на даноците и воведувањето на нови треба да биде последна алка во низата активности со кои може да се подобри финансиската состојба на државата во ваква кризна состојба кога и на власта и требаат дополнителни пари за помош на граѓаните и бизнисите.
– Според она што ни беше презентирано не гледаме реформа во практична смисла на зборот туку нови даночни оптоварувања со кои во најголем дел се таргетирани компаниите, но и граѓаните. Очекувавме поинаков пристап кој првенствено би тргнал со рационализација на приходите на буџетот и нивна прераспределба, потоа намалување или целосно исклучување на некои буџетски оптоварувања, што би се постигнало на пример преку реструктурирање на државните компании кои секоја година ангажираат значајни средства. Потоа, очекувавме да видиме мерки со кои ќе се влијае на зголемување на даночните приходи со внесување на нерегистрираните бизниси во системот, кои се околу 23 до 25 отсто, и на крај да се оди во делот на позајмување средства преку кредитни линии или наметнување корекција на даноци. Тоа би била реформа. За ова што сега се најавува во овој сензитивен момент не е најдобро време ниту начин – велат од Сојузот на стопански комори.
Оттаму додаваат дека ефектите од она што се најавува нема да бидат според очекуваното бидејќи ќе бидат дестимулативни за бизнисите.
– Со оданочување на реинвестираната добивка им се праќа погрешен сигнал на компаниите „не инвестирајте“, што може негативно да влијае на одлуката дали и колку да инвестираат. Досега даночното ослободување беше значаен стимул за инвестиции во машини, простор, вработени. Третиот пензиски фонд компаниите го користеа за стимулирање на вработените, но сега и тоа може да биде променето со што удар ќе претрпат и осигурителните компаниите. Исто така и спортот нема да ја добива поддршката како досега. Во однос на ДДВ, треба да кажеме дека цените на енергенсите уриваат рекорди. Доволно е да ја платиме струјата и ништо нема да остане за оданочување – велат од Сојузот на стопански комори.