Со цел да се обезбеди доволна количина енергенси, министерот за економија Крешник Бектеши и генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски денеска отидоа на состанок со една од компаниите за набавка на природен гас што ја посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. На состанокот, којшто ќе се одржи надвор од земјава, ќе присуствува и Виктор Андонов, советник за енергетика на премиерот.
– На состанокот ќе разговараме за детали, имајќи предвид дека ако има таков договор и ако деталите, условите, понудата генерално е прифатлива за ЕСМ, тоа треба да го направи ЕСМ со трговец со природен гас. За да се подготви состанокот, од наша страна се пратени и количините и потребите на Северна Македонија, вклучувајќи ги и потребите на ТЕ-ТО која произведува електрична енергија, а воедно како нуспроизвод произведува и топлинска енергија и тоа околу 60 отсто од топлинската енергија за потребите на град Скопје. Кога работи во базен режим ТЕ-ТО ги намалува трошоците на другите топлани, „Исток” и „Запад” – информира вчера министерот Бектеши.
Тој најави дека до крајот на неделава треба да се одржи состанок и со другата компанија посочена од опозицијата за набавка на мазут и апелираше граѓаните да не се грижат зашто, како што рече, ќе има доволно топлинска и електрична енергија.
Во исто време, група пратеници од владејачките партии до Собранието предложи Предлог-закон за дополнување на Законот за задолжителни нафтени резерви, по скратена постапка, со кој ќе се овозможи издавање на краткорочни позајмици или отстапување без надоместок на нафтени деривати од задолжителните резерви, на одредени корисници, односно на јавни претпријатија и други правни лица и институции основани од државата што вршат соодветна енергетска дејност, за извршување на нивните активности утврдени со закон, со што задолжителните нафтени резерви ќе може да се користат и во услови на прогласена енергетска кризна состојба.
На овој начин, задолжителните нафтени резерви се ставаат во функција на наведените корисници во услови на постоење на енергетска кризна состојба со цел полесно справување со актуелната енергетска кризна ситуација која од отпочнувањето на воениот конфликт во Украина во континуитет се повеќе се продлабочува и тоа не само кај нас, туку и секаде во светот, велат предлагачите.