Македонскиот амбасадор во Украина, Крум Ефремов, заедно со уште еден дипломат и со уште двајца македонски државјани вработени во амбасадата, деновите ги минуваат во скривница и засега не постојат услови за нивно извлекување.
Ова го соопшти министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој истакна дека амбасадорот Ефремов, дипломатот и двајцата вработени го минуваат најголемиот дел од денот и ноќта во скривница, но дека МНР се обидува да ги евакуира со помош на други земји.
– Ситуацијата не е добра, посебно во Киев. Амбасадорот Ефремов, дипломатот и двајцата други граѓани кои се во амбасада, најголемиот дел од денот го минуваат во скривница отколку во амбасадата. Не можат да одат ниту во нивните резиденции, туку остануваат и спијат во скривницата. Се обидуваме да ги евакуираме. Јас имав неколку контакти со колеги и со министри од регионот, а има уште дваесетина амбасадори на земји од ЕУ во Киев кои исто така не можат да излезат – објаснува Османи.
Според министерот, нашите дипломати и од скривница комуницираат со македонските граѓани во Украина, им даваат патни исправи.
Османи директно комуницирал со семејство со едногодишно дете во источниот дел на Украина, а има и граѓани кои се во градот Одеса, за кои министерството контактирало со Бугарија која има таму конзулат. Се очекува со нивните автобуси да ги преземат и македонските граѓани.