Иако чекориме на патот кон Европската Унија, корупцијата го кочи напредокот на Северна Македонија, согласни се премиерот Димитар Ковачевски и американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер.
Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, најави дека САД ќе воведат дополнителни чекори за да ги санкционираат корумпираните официјални лица од Балканот и да се тргнат од одговорните позиции.
Во делот на борбата против корупцијата и владеењето на правото, Ковачевски вчера на прес-конференција потсети на поделените надлежности и во таа насока посочи дека Владата треба во рамки на своите надлежности да овозможи независно функционирање на судството и на обвинителството во државата.
– Во однос на заложбите на Владата, јас асполутно ги поттикнувам сите кои се соочиле со одредени криминални, коруптивни пракси, веднаш да ги пријават кај сите надлежни институиции што се задолжени за тоа и да одлучуваат судските и обвинителските органи нормално во согласност со закон во рамки на своите надлежности – нагласи претседателот на Владата.
Ковачевски се осврна и на неговиот состанок со амбасадорката на САД во земјава Анџела Агелер и со потсекретарот на САД за борба против тероризам и перење пари, на кој се разговарало на теми поврзани со надлежностите на МФ на САД и посебно на овој потсекретар. Во тој дел, најави премиерот, ќе следуваат заеднички активности.
Американската амбасадорка Анџела Агелер во обраќање по повод одбележувањето на 30 годишнината од партнерството на УСАИД-Американска агенција за меѓународен развој со Северна Македонија во Скопје истакна дека Соединетите Држави постојано ја поддржуваат целта на Северна Македонија да биде добро управувана, демократска земја, нудејќи еднакви можности за сите нејзини граѓани, уште од стекнувањето на независноста во 1991 година.
– Фокусот денес е на подобрување на економската продуктивност, поттикнување на младите да преземат активна улога во иднината на земјата и намалување на корупцијата. Иако чекорите по патот кон ЕУ, корупцијата продолжува да го кочи напредокот на Северна Македонија. Намалувањето на корупцијата е важно затоа што корупцијата во која било форма ја оневозможува оваа земја да напредува во економска, социјална, образовна и структурна смисла, за кои знаеме дека може и треба да продолжи да ги постигнува. Иако чекорите по патот кон ЕУ, корупцијата продолжува да го кочи напредокот на Северна Македонија преку забавување на економскиот раст и поттикнување на најталентираните млади луѓе од земјата да бараат можности во странство – порача амбасадорката Агелер.