Мојот став за договорот за коридорите не е променет, до денес го кажувам истото, но како одговорен политичар нема да одам чекор назад од тоа што е веќе почнато, бидејќи, платени се 350 милиони долари аванс, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање дали го сменил мислењето за договорот на државата со конзорциумот „Бехтел и Енка“ што го потпиша претходната власт.
– Даден е аванс, а не е ништо напавено. Имајќи го в предвид тој криминален и антидржавен договор ќе завршиме на арбитража, која сигурно ќе ја изгубиме, и така ќе платиме најмалку уште 350 милиони долари и ќе дојдеме до милијарда, а нема да добиеме ниеден километар автопат. И затоа ние одлучивме да засукаме ракави, да работиме, да помогнеме колку можеме, да се задржиме на сумата што е предвидена во договорот и да го изградиме овој проект. Тоа е разликата. Инаку, мојот став е ист, но парите што би ги изгубиле сакаме да ги насочиме кон подобро здравство, подобро образование итн. Да не фрлиме 700 милиони во ветер, затоа што некој се однесувал несовесно и недоговорн – рече премиерот Мицкоски.