Пет месеци по нејзиниот официјален развод со Том Брејди, Жизел Бундшен наводно има нова љубов, а тоа не е нејзиниот инструктор по џиу џицу Хоаким Валенте, како што претходно се шпекулираше, тврдат извори за „Дејли мејл“.
Жизел е видена со милијардерот Џефри Софер, пријател на поранешниот сопруг Том Брејди и поранешен сопруг на моделот Ела Макферсон.
„Тие се гледаат неколку месеци и тајно се среќаваат околу еднаш неделно“, рекол изворот.
Програмерот и хотелиер Софер (55) поседува голем број луксузни недвижности, вклучувајќи го и култниот хотел „Фонтенбло“ во Мајами. Денес, со проценета нето вредност од 2,2 милијарди долари, приватни авиони, суперјахта и голем имот на располагање, Софер е уште поголем играч од Брејди, чие богатство се проценува на 512 милиони долари.
А според изворот тие двајца се пријатели со години. Брејди и Софер беа забележани како се дружат уште во јануари, кога фудбалската ѕвезда беше фотографирана како поминува време со ќерката Вивијан. Тие биле видени како се дружат во Мајами подоцна истиот ден со заедничкиот пријател Дејвид Бекам и неговите деца.
Минатиот мај, двајцата пријатели беа фотографирани како уживаат во НБА натпревар со спортскиот известувач Џим Греј и сестрата на Брејди, Џули во Лас Вегас. А, кога Брејди бараше земја за да изгради дом со Бундшен во 2020 година, тој се одлучи за имот веднаш до распространетата палата на пријателот Софер.
Жизел и Том беа во брак 13 години, а разделбата стана позната на почетокот на октомври, кога извори за американските таблоиди открија дека манекенката и спортистот ангажирале адвокати. Проблемот наводно настанал затоа што по само 40 дена во „пензија“ Том се вратил во американскиот фудбал. Имено, набргу откако спортистот објави дека се враќа во американскиот фудбал, беше објавено дека парот повеќе не живее заедно.