И покрај забраната која од утре ја воведува Србија за извоз на пченица, брашно, пченка и месо, земјава нема да има последици од тоа, убедуваат институциите. Мелничарите и пекарите, пак, алармираат дека финансиската состојба на мелниците е лоша и тешко дека ќе можат да ги платат договорените количини на увоз на пченица, но се надеваат дека тоа ќе се компензира со увоз на српско брашно.
За да се намали увозната зависност од житните култури, велат земјоделците, потребна е стратегија која ќе опфати не само подобрување на приносите, туку и на откупната политика која моментално го обезвреднува трудот на земјоделците.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера изјави дека поради актуелните економски состојби во светот Србија од утре ќе го забрани извозот на пченица, брашно, пченка и масло, но додаде дека за регионот ќе има доволни количини.
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски вчера потврди дека земјава нема да има проблем со увозот на пченица од Србија, бидејќи е изземена од забраната за извоз од оваа земја.
– Добивме уверување од Србија дека извозната забрана нема да важи за количините пченка и пченица најавени за нашата мелничка индустрија. Преработувачите ќе можат да ги увезат планираните количини од северниот сосед. За ова веќе искомунициравме со српското министерство. Преку Отворен Балкан разменуваме информации во реално време, а на мое барање инициравме и онлајн состанок со сите министри од регионот за да ги разгледаме сите опции, сите политики, сите потреби на министерствата, стопанствата и на земјоделците – изјави Николовски.
Тој информира дека министерствата за земјоделство на двете земји имаат континуирана комуникација за сите земјоделски производи што се извезуваат и увезуваат од двете страни, вклучително и за пченица и пченка.
Владата претходно соопшти дека моментално има доволно количини стокови резерви од пченица, а резерви имаат и мелничарите од околу 45.000 тони.
Од мелничко-пекарската индустрија велат дека моментално нема никакви проблеми за увоз на брашно и пченица од Србија, но проблем е намалената финансиска моќ на мелниците кои нема да можат да излезат на крај со високата цена на пченицата.
– Нема никакви најавени проблеми за реализирање на договорените количини увоз на пченица од Србија. Увозот тече нормално, а имаме информација дека Министерството за земјоделство веќе остварило контакти со српското министерство и е договорена динамиката на испорака на договорените количини пченица и брашно. Досега, според нашите податоци за 2021 година е реализирани увоз од 67.000 тони пченица и околу 33.000 тони брашно од Србија од годишните потреби од 100.000 тони увоз – вели претседателот на Здружението на мелничко-пекарската индустрија Горан Малишиќ.
Но, вели тој сега е проблем високата цена на пченицата.
– Србија некаде од јануари ја зголеми цената на пченицата за 24 отсто и на брашното за 25 отсто. На берзите во светот зголемувањето на цената на пченицата е за 30 отсто. Мелниците сега имаат проблем да обезбедат пари за купување на договорените количини пченица, бидејќи трошоците во нивното работење поради високите цени на енергенсите се енормно зголемени и ова зголемување на цената на брашното ќе ги натера да намалат дел од увозот на пченица и да го намалат производството – вели Малишиќ.
Според него, сепак земјава нема да се соочи со недостиг од брашно бидејќи оние количини што нема да ги произведат мелниците, ќе се увезат.
– Она што нема да го произведат нашите мелници ќе се увезе како брашно, што значи ќе бидат компензирани очекуваните количини на брашното на домашниот пазар и нема да има недостиг – појаснува тој.
Земјава увезува 90 отсто од потребите од пченицата и брашното од соседна Србија. Годишниот увоз на пченица просечно годишно изнесува околу 100.000 тони, а на брашното околу 33.000 тони.
Според одредени пресметки, мелничката индустрија дневно меле околу 25.000 тони пченица за да произведе 17.500 тони брашно.
Земјава лани произвела 253.000 тони пченица од која се добива во просек околу 177.100 тони брашно, под услов целата количина да се преработи во домашните мелници.
Годишните потреби за пченица на земјава изнесуваат 300.000 тони или 210.000 тони брашно.
Увозот на овие житарици пред жетва се спроведува секоја година со цел навреме да ги обезбедат потребите количини за покривање на домашниот пазар.
Оваа култура се смета за стратешка и Министерството за земјоделство секоја година се обидува преку субвенционирање на земјоделците да ги зголеми површините засеани со пченица, како и да ги зголеми приносите.
По осамостојувањето на земјава, најголемо производство на оваа култура имало во 2004 година 356.825 тони. 2016 година е една од позначајните кога производството на пченица достигнало 306.433 тони по што во 2017 година имало пад на производството за околу 100.000 тони и се произведени 200.112 тони. Лани е забележана подобра година кога се произведени 253.000 тони пченица.
Алармантно е тоа што површините под оваа култура од година во година бележат намалување. Во 2016 година под пченица биле 79.898 хектари, а во 2020 година оваа култура била застапена на 69.902 хектари.
Приносите кај оваа култура секоја година се различни, но во основа се подобруваат. Во 2020 година приносот бил 3.527 килограми по хектар.
Во 2020 година вкупно се откупени 75.938 тони пченица од домашно производство, половина од тоа е од индивидуални земјоделски производители.
За зголемување на производството на оваа култура Владата во изминатиот период направи неколку обиди тоа да го направи преку зголемување на субвенциите и воведување зелена нафта, но и да го нормализира откупот на пченица. За годинава таа најави дополнителни субвенции преку интервентниот фонд за субвенции за набавка на ѓубриво за житните култури.
– Ние како министерство и како Влада, континуирано преземаме мерки коишто значат зголемување на домашното производство на житарици. За прв пат оваа Влада воведе мерка за кофинансирање на трошоците за набавка на нафта која со новите законски измени ќе изнесува 100%, ја зголемивме субвенцијата за пченица за земјоделците кои имаат површини од 5 до 50 хектари – изјави вчера Николовски.
Но, земјоделците не се задоволни целосно од политиките на сите влади и предлагаат изготвување одредена стратегија која би го вратила житото на земјоделските површини.
– Владата треба прво треба да реши дали житото е стратешка култура и така да се однесува кон земјоделците кои ја произведуваат. Потребни се стимулации и добра откупна политика. За поголемо производство земјоделците треба да добијат субвенции пред производство, а не по жетвата, бидејќи семенскиот материјал, нафтата и ѓубривата се потребни пред да почне сеидбата. Државата треба да обезбеди репресирани: нафта семенски материјал и ѓубрива за да може земјоделецот да го издржи високиот трошок, а со тоа да обезбеди храна и за другите граѓани во земјава. Дополнително, откупната политика не треба да се остави да ја прават само трговците, туку во неа активно да учествуваат и владата и земјоделците, а е потребно и подобрување на кооперативните односи земјоделец-мелници – вели претседателот на асоцијацијата на земјоделски производители Пецо Стојановски.
Тој додава дека годинава пченицата ќе има пониски приноси од очекуваното бидејќи не може да се прихрани.
– Годинава голем дел од површините под пченица нема да бидат прихранети поради недостигот на ѓубрива и нивната висока цена. Трговците велат дека набавната цена стигнала до 2.900 денари вреќа ѓубриво, а продажната ќе биде повисока, но и покрај тоа не можат да набават ѓубриво. Тоа ќе се одрази врз приносите на пченицата, но и на нашите приходи кои нема да бидат доволни да ги покријат трошоците – вели тој.
Откупната политика за целото земјоделско производство е проблем, вели Ристо Велков, од синдикатот на земјоделци.
– Не само кај пченицата и кај другите култури проблем е откупната политика. Институциите и земјоделците како и откупувачите треба да седнат и еднаш да договорат системско решение за откуп на она што се произведува во земјава. Притоа треба да се има предвид дека земјоделците сѐ повеќе се откажуваат од производство поради тоа што не можат да го продадат производот по цена која ќе ги покрие трошоците на производство и ќе обезбеди пари за живот – вели Велков.