На 30 години затвор под обвинение за тешко убиство е осудена жена од Ел Салвадор, која имала итна акушерска интервенција за да ја прекине бременоста, објави граѓанската организација што помага при нејзината одбрана.
Невладината „Група граѓани за декриминализација на абортусот“ денеска соопшти дека жената која е идентификувана само како „Есме“ е осудена завчера. Осуденичката е во истражен притвор две години откако е уапсена, откако побарала лекарска помош во државна болница.
Граѓанското здружение соопшти дека „судијата постапил пристрасно“ и најави дека ќе се жали на пресудата.
Во Ел Салвадор е во сила целосна забрана на абортусот, а голем број жени се уапсени и осудени на затвор по абортуси кои биле пријавени кај властите, наведуваат западни медиуми.