More

    Земјоделците предупредуваат дека овој тренд ќе ни донесе глад

    spot_img

    Ќе останеме без храна, ако продолжи изградбата на фотонапонски централи и други објекти на плодно земјоделско земјиште, реагираат земјоделците. Тие бараат да се поставуваат вакви електрани на земјиште од седма класа.

    И познавачите на состојбите велат дека поставувањето фотонапонски централи треба да биде стратешки направено со утврдени локации од страна на државата кои ќе можат да ги купуваат инвеститори за да не се доведеме во состојба и на плодно земјиште да никнуваат централи наместо да се произведува храна. Тие велат дека има доволно површини во земјава кои се погодни за фотоволтаици, а не се обработливо земјиште, но притоа е потребно да не се дозволат манипулации и коруптивни зделки.

    Деновиве сточарите од Светиниколско алармираа дека странци им ги купуваат нивите и пасиштата за да поставуваат фотонапонски централи, а државата тоа го толерира. Тие побараа вакви објекти да не ги узурпираат плодните ниви.

    – Бараме фотоволтаиците да се поставуваат на земјиште од седма класа, а не на површини од прва, втора, трета или четврта класа. Поради немање пасишта стадата со овци се намалени – изјави земјоделец.

    Земјоделци и од други региони реагираат дека земјоделско земјиште неправилно се пренаменува во градежно и на него не се градат оранжерии кои ќе произведат храна, туку се градат други објекти и во последно време, фотоволтаици.

    Ристо Велков, од Сојузот на синдикати на земјоделците, неодамна за Плусинфо изјави дека покрај низата проблеми што ги имаат земјоделците, проблем е и тоа што неконтролирано се овозможува на плодно земјиште да се градат различни објекти.

    – Преку децентрализацијата се дозволи плодно земјиште да стане градежно и на него да се гради или да се формираат индустриски зони на кои нема ниту еден производен капацитет. Земјоделецот наместо да произведува на плодна почва сега оди со километри да обработува неплодно земјиште. Така е во струмичкиот регион, а така е и во другите региони. Од друга страна очекуваме земјоделците да произведуваат повеќе храна која сѐ помалку ќе ја има во светот – рече тој.

    Професорот Ристо Цицонков вели дека од големо значење за енергетиката во земјава е користењето на сонцето како извор на енергија, но не треба да се дозволи фотонапонски централи да се поставуваат на плодно земјиште.

    – Имаме многу терени каде што можат да се поставуваат вакви централи и треба да ги искористиме токму за тоа. Тие се главно необработливо земјиште, но погодни за оваа намена. Никако не смееме да дозволиме поради развој на една гранка да го уништиме земјоделството. Во никој случај на плодно земјиште не смее да се дозволи да се поставуваат вакви централи. За да се стави ред треба да има и поголема државна контрола во хаосот што го имаме сега – вели Цицонков.

    Според него, во земјава моментално има конфузија во поставувањето на вакви централи.

    – Од една страна сакаме да ја развиваме оваа енергија, а од друга страна инвеститорите, приватни компании или граѓани се ставени пред една голема бариера од документи за да ја реализираат инвестицијата. Да, фотоволтаиците се од огромна важност за енергетскиот сектор, но треба да се мотивираат луѓето да ги постават. Еве на пример мој предлог е да се мотивираат сите што штедат во банките каде што домаќинствата имаат 5,5 милијарди евра заштеда, а компаниите 2,5 милијарди да инвестираат во фотоволтаици. Но грамадата од документи демотивира зашто секој сам треба да ги набави пред да инвестира – вели тој.

    Храната е приоритет и за Маријан Ненов од невладината „Но пасаран“ кој вели дека земјоделците навреме алармираат и треба да се послушаат.

    – Приоритет во овој случај има храната. Но, бидејќи Светиниколско, Повардарие и Пелагонија се местата во земјава каде што има најмногу сончеви часови и се најпогодни за искористување на сончевата енергија, најголем притисок за пренамена на земјоделско во градежно земјиште ќе има токму таму. Но мислам дека по никаква цена не смее да се дозволи да се обезвредни храната пред фотоволтаиците. Оправдани се реакциите на земјоделците зашто нивното земјиште сега го купуваат моќни инвеститори кои имаат можност да влијаат на измени на законските и подзаконските акти и потоа лесно да можат да градат фотонапонски централи. Тие ги имаат сите информации однапред добиено и затоа го купуваат земјиштето – вели тој.

    За да нема малверзации, додава Ненов, владата таму треба да изврши контрола и да утврди што всушност се случува.

    – Ако е потребно треба да преземе и превентивни мерки, ама ако инвеститорите, како што реков, не се странци туку домашни моќници кои се кријат зад странци тешко ќе оди и ова – вели тој.

    Николајчо Николов, кој има големо искуство во рударството и истражувањата во секторот, вели дека земјава треба да изгради соодветен однос кон почвата како национално богатство, а во однос на фотоволтаиците да направи стратегија за користење на сончевата енергија.

    – Потребна е државна стратегија за фотоволтаиците во која главно ќе се каже што сака да постигне државата со нив, да се предвидат стриктни критериуми каде тие можат да се постават и кој може да инвестира во нив. со еден збор да се направи ред. Вака како што е секој може да купи обработлива нива и да побара таа да се претвори во градежно земјиште и да постави централа. Не смееме да дозволиме по неколку години да немаме каде да произведуваме храна. Почвата е наше национално богатство од кое не смееме да се откажеме. Имаме такви површини кои се погодни за тоа – вели Николов.

    Тој смета дека државата треба да основа посебно претпријатие кое ќе се занимава со секторот фотоволтаици и нема да дозволи преку корупциски зделки да се уништува плодното земјиште.

    – Ова претпријатие би ја вршело целокупната подготовка на проекти и процедури за подготвено инвестирање во оваа област, водејќи сметка за правилни и рационални локации и сè што е врзано за оваа проблематика. Се плашам дека ако не го централизираме ова прашање ќе ја доуништиме нашата земја, што може да има историски негативно влијание и несогледливи последици. Во ваков хаос од 70 документи сигурно има и можности за корупциски зделки кои не му носат добро народот – вели тој.

    Според законот за земјоделско земјиште (членот 48), земјоделското земјиште може да се пренамени во градежно или да се користи за неземјоделски цели. Исто така пасиштата може да се пренаменат во градежно или да се користи за неземјоделски цели.

    На овој член се упатуваат инвеститорите и во прирачникот за постапките за развој и изградба на електрани за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија – фотонапонски електрани каде што на инвеститорите им се појавува како да го користат земјиштето и каде треба да се обратат за добивање дозволи.

    „Доколку земјишната парцела (-и) на која инвеститорот има намера да гради фотонапонска електрана е класифицирана како земјоделско земјиште (обработливо земјиште, шуми, пасишта или слично), инвеститорот може да достави барање до Министерството за транспорт и врски или до Општината, во зависност од случајот, да побара од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да изврши трајна пренамена на соодветното земјоделско земјиште во градежно земјиште (Закон за земјоделско земјиште, член 49)“, се наведува во прирачникот.

    Членовите 50 и 51-а од Законот за земјоделско земјиште, пак, предвидува на земјоделско земјиште по претходна согласност од Министерството да се градат оранжерии, објекти за промоција на земјоделски производи, помошни објекти, како и објекти за примарна обработка на земјоделски производи, но може да се користи и за неземјоделски цели во случај на детални геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини предвидени со Законот за минералните суровини и за објекти за спортско рекреативни активности.

    Колку пренамени на земјоделско во градежно имало годинава и лани прашавме во министерствата за земјоделство и за транспорт и врски, но не добивме одговор. Побаравме одговори и за критериумите под кои се врши оваа пренамена.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img