Украинскиот претседател Володимир Зеленски отпушти уште 28 вработени во Службата за безбедност на Украина (СБУ), изјави ДПА.
Во своето вечерно видео обраќање, Зеленски изјави дека одлуката влијае на персоналот на СБУ на различни нивоа.
– Генерално, сепак, причините се незадоволителни резултати во работата – додаде тој.
Украинскиот претседател ги разреши шефот на СБУ Иван Баканов и главната обвинителка Ирина Венедиктова.
Тој го наведе своето незадоволство од фактот што повеќе од 60 вработени во СБУ и Обвинителството останале на териториите окупирани од Русија – нешто што властите во Киев го сметаат за предавство.
Андриј Смирнов, заменик-шеф на кабинетот на Зеленски, рече дека речиси пет месеци по почетокот на војната, откривањето на руски шпиони во државните институции продолжува.
Според аналитичарите, целта на овие потези е да се зајакне контролата на украинскиот претседател врз армијата и безбедносните служби, на чие чело се луѓе назначени пред руската инвазија на 24 февруари.