Здружението на контролорите на летање на Македонија (ЗКЛМ) дава целосна поддршка на барањата на Струковиот синдикат на контролорите на летање кој најави штрајк за 12 октомври и истакнува дека нивните цели се поклопуваат со целите и програмата на ЗКЛМ.
„Најавениот штрајк од ССКЛ е кулминација на претходните наши континуирани заеднички барања за подобрување на целокупното функционирање на М-НАВ, чија примарна цел е овозможување на безбеден авиосообраќај на небото над Р.С. Македонија и регионот. Овие наши заеднички барања се интензивираа во последните година и половина, за што се доказ бројните дописи до менаџментот, бидејќи условите во кои работиме се повеќе од срамни за компанија од оваа индустрија“, наведува ЗКЛМ.
Ние, контролорите на летање и помошниците на контролорите на летање, се вели во соопштението, работиме во супстандардни услови 24/7, речиси непостоечки набавки на инвентар кој се користи и амортизира 365 дена во годината, со застарени системи за вентилација на воздухот, ладење и греење кои не се сервисирани долги години, недостиг и рестрикции на вода, што е основна човечка потреба, односно услови кои го загрозуваат нашето здравје.
И покрај сето горенаведено, наведува Здружението, само со соработка помеѓу работничкиот колектив успеавме најпрофесионално да ги исполнуваме сите работни обврски и задолженија, иако тековно сме подложни на разни проверки на компетентност, лекарски прегледи, задолжителни стручни усовршувања и обуки според светски и европски стандарди.
„Опслужуваме обем на авиосообраќај кој континуирано се зголемува, кој за жал се води со застарен и технолошки ограничен систем за контрола на летање, што создава само дополнителен стрес и притисок во работата на контролорите и помошниците контролори на летање, а истовремено сме сведоци на долгогодишно неодговорно менаџирање со ресурсите што доведе до создавање на нечовечки услови, деградирачка и крајно немотивирачка атмосфера на работа. Токму поради овие причини застануваме покрај ССКЛ и ја поддржуваме одлуката на Синдикатот за штрајк, а воедно бараме од менаџментот на М-НАВ да се воздржи од лични напади кон поединци како и да покаже достоинствен третман кон контролорите на летање, помошниците контролори на летање, а и сите останати професионалци и оперативен персонал. Како што неуморно ве водиме низ нашето небо, така ќе се бориме за нашето достоинство!“ – истакнуваат од ЗКЛМ.
Како што најави претседателот на Струковиот Синдикат на Контролорите на летање Александар Тасевски, штрајкот ќе се одржи на 12 октомври и во периодот од 11 до 17 часот нема да се опслужуваат воздухоплови на Скопскиот и Охридскиот аеродром.
Менаџментот на М-НАВ, пак, во соопштение оцени дека тврдењата на Тасевски „се тенденциозни, не ја кажуваат вистинската слика на работење во М-НАВ и прават опструкција на професионалното работење на М-НАВ, која е сериозна компанија и го менаџира авиосообраќајот над нашето небо“.