Зазу, коњот на лидерот на Чеченската република, Рамзан Кадиров, повторно е со својот газда, благодарение на украинските тајни служби. Украинците му пишале на Кадиров дека тој може да си го откупи коњот кој поради санкции од Западот бил чуван во Чешка.
Пастувот во март годинава бил пријавен за исчезнат од штала во селото Крабчице близу Прага, а кружела и веста дека коњот бил наводно украден. Кадиров пак, мислел дека тој ќе биде продаден на Запад.
„На почетокот на годината, претставници на украинските тајни служби ми пријдоа преку посредници, нудејќи ми да го откупат Зазу. Тие знаеја за мојата приврзаност кон коњот – се разбира, се согласив. Да бидам искрен, мислев дека Зазу ќе биде некако официјално предаден, со укинување на санкциите од него или нешто слично“, напиша Кадиров на Телеграм.
Според чеченскиот лидер Украинците го купле пастуво за мали пари за да го препродадат за големи. За исчезнувањето на коњот пак, биле обвинети непознати крадци.
„Тие едноставно ја исценираа неговата кражба (на Зазу) од штала во Чешка во дослух со чешката полиција. Да ве потсетам дека тогаш на сите им изгледаше чудно како скап коњ едноставно може да исчезне. Излезе дека може“, додаде Кадиров.
Враќањето на коњот чинело „само“ 18.000 долари, иако кога првпат беше пријавена „кражбата“, Кадиров ја процени вистинската вредност на Зазу на околу 10 милиони долари. Животното има 16 години, а Кадиров го имал купено во Дубаи во 2012 година.
„Така, пријатели, ако треба да донесете нешто од Европа, контактирајте со украинските специјални служби. Брзо, професионално, ефтино, заобиколувајќи ги санкциите!“, заклучи чеченскиот лидер. Зазу сега „се упатува кон дома“, рече Кадиров без да открие точно каде се наоѓа скапиот коњ.