ЗАРАЗА ПРЕДИЗВИКАНА ОД ГАБА ГИ ЈАДЕ РЕСЕНСКИТЕ ОВОШКИ ,земјоделците со апел до новата влада!!!

Saso
By Saso 7 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Владата уште првиот ден ќе треба да се фати за решавање на проблемите во земјоделството кои од почетокот на годинава се заострија и прераснаа во протести, ако сака да не се соочи со натрупаниот гнев на земјоделците и целосно напуштање на производството на храна, велат од земјоделските здруженија кои очекуваат долгорочни решенија, а не гаснење пожари и зголемување на маката на земјоделецот.

Според нив, проблемите се јасни и се трупаат со години и ако не се решаваат навреме државата ќе треба да се откаже целосно од овој сектор зашто веќе нема никој да работи на нивите.

– Земјоделците во сите сектори се незадоволни од она што се случува. Тоа се одрази и во протестите кои ги имаме сè почесто во овој период. Незадоволни сме од цената на нашиот производ која не ги задоволува нашите очекувања за продолжување на производството и во следните години. Таа е на работ на производната цена, без да има дел за приход на земјоделецот. Нашите трошоци со години растат, но продажната цена на произведеното е ниска, не може да го одржи производството на подолг рок, па може да се очекува, ако нема решенија, луѓето да ги напуштат нивите и самите да побараат решенија за својот живот – да заминат од земјава, да се вработат во други сектори и слично. Последиците ќе бидат погубни за секторот, но и за државата која ќе треба да размислува за зголемување на увозот на храна која може да се произведе дома – вели претседателот на здружението на овоштари Љубе Пампулески.

Според него, практиката во синџирот „од нива до трпеза“ во која доминираат трговците и нивниот профит треба да се промени.

– Главен носител во овој синџир треба да биде производителот, кој треба да ја одредува цената, или да добие цена која ќе му овозможи да го продолжи производството. Мошне важно во сето ова е да се овозможи фер систем во односите земјоделец, прекупци, трговци, држава. Луѓето од секторот треба да бидат слушнати за сите законски решенија, планови, стратегии зашто сето тоа се однесува на нив. Транспарентноста, а посебно во процесот на формирање на цената и придржувањето на договореното, како и целосен увид на државата во процесот исто така е важна. Италија, па и Грција можат да ни бидат пример за практична примена на фер практики во овој сектор – вели Пампулески.

Според него, посебно треба да се има предвид дека земјава е длабоко навлезена и погодена од климатските промени, а нема решенија на проблемите предизвикани од тоа.

– Последиците од топлата зима, на пример, и ладната дождлива пролет веќе се видливи во овоштарството и во другите земјоделски гранки. Во овоштарниците во ресенскиот регион поради таквите временски промени се појави зараза предизвикана од габа од семејството „ервинија“, но нема заштита, а ако се почека уште малку ќе го изгубиме целокупното производство. Затоа бараме брза реакција и долгорочни решенија кои ќе ги вклучат и мислењата на земјоделците, науката и стручната јавност за мерките и решенијата кои треба да ги пресретнат климатските промени што доаѓаат – вели тој.

Акутен проблем, според земјоделците е и немањето работна рака и сѐ повисоките цени на овој вид труд.

– До неодамна цената на работната рака во земјоделието беше 100 денари. Сега кога има недостиг од работна рака, работниот час оди многу високо, а земјоделецот кој нема профит не е во состојба да ја плати. И за ова прашање мора да се најде решение – вели Пампулески.

- Advertisement -
Ad image

Петре Стојкоски од Асоцијацијата на земјоделци и фармери вели дека и покрај тоа што земјоделците имаат разбирање дека новата влада прво треба да биде избрана и да се запознае со проблемите, сепак ќе мора да се зафати со хаосот во земјоделството кој владее во овој период, зашто земјоделците ќе ѝ тропнат на врата.

– Нека дојде новата влада. Ќе ја поздравиме, ќе почекаме да видиме што планира, но ќе ѝ порачаме од сега да не прави дополнителни проблеми туку да ги решава навреме за да не се продлабочуваат и да го предизвикува земјоделецот. Земјоделецот ќе почека иако нема време за чекање за неговиот производ кој може да скапе по нивите, но сакам да подвлечам дека земјоделецот е и Хашки суд за една влада. Ако нема навремени решенија, ако нема вистински закони и нивно спроведување, земјоделецот ќе дојде пред сите институции и ќе ги изрече пресудите. Мора да се запрат прекупците, да нема самоволие на трговците за да може да опстане земјоделието – вели Стојкоски.

И градинарите кои деновиве протестираат бидејќи откупните цени на нивниот производ се далеку од реалните очекуваат брзи решенија, бидејќи родот веќе им скапува на нивите.

- Advertisement -
Ad image

– Годинава почна лошо. Откупот и цените се катастрофални. Најавени се решенија преку разговори со прекупците, но пак земјоделците треба да го дадат своето мислење на заедничка маса со другата страна, а не поединечно да се разговара со едните па со другите. Чекаме решенија, пред да се откажеме и од ова намалено производство што го имаме годинава кај дел од културите – вели Ристо Велков од синдикатот на земјоделците.

Тој вели дека земјоделците знаат дека 30 години е запоставено земјоделството во земјата и не очекуваат преку ноќ решенија, но очекуваат фер однос кон нив и кон нивните проблеми и стратешки решенија.

Тие очекуваат и пораст на субвенциите и нивно усогласување со инфлацијата и трошоците во работењето како што тоа се прави за минималната плата и со пензиите.

Share This Article