Во Основниот кривичен суд Скопје денеска започна судењето за двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.
Во судницата се спроведени првообвинетиот Љупчо Палевски заедно со обвинетите Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов, како и таткото на убиената Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски.
Нема присутни роднини на оштетените, а можеше да се забележи како обвинетиот Велибор Манев го криеше ликот од камерманите и одбиваше да се фотографира.
Штом започне процесот, по запознавање со обвинението, обвинетите треба да се произнесат дали чувствуваат вина.
Љупчо Палевски беше во бегство во Турција, од каде што беше екстрадиран во земјава. Обвинетите и нивните бранители ќе можат да се запознаат со доказите и да конципираат одбрана.
Според обвинението, обвинетите заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.
Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, е обвинет дека им дал на останатите обвинети информации за движењето на неговата ќерка.
На 22 ноември 2023 година, обвинетиот Палевски заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.