More

    Закани и уцени за уставните измени фрчат од два континента

    spot_img

    Не запираат агресивните повици од меѓународната заедница за што поскоро да ги извршиме уставните измени и да ги внесеме Бугарите во Уставот, а ако досега таквите притисоци ни ги вршеа само високи претставници на земјите-членки на Европската Унија, сега во целата таа убедувачка мисија се вклучија и САД, кои барем досега како наш стратешки партнер се држеа настрана и топката ја префрлаа кај Брисел.

    Но, Вашингтон сега го менува пристапот, па досегашните совети што ни ги делеше Америка како на мали деца, очигледно сега ги заменува со директни закани.

    Се надеваме дека вашиот избор безбедносно да се приклучите во НАТО ќе се дополни со слична одлука да ѝ се приклучите на ЕУ.

    Крис МарфиАмерикански сенатор

    Таков впечаток барем остави обраќањето на американскиот сенатор Крис Марфи, кој неодамна го посети Скопје и предупреди дека неспроведувањето на измените во Уставот ќе се одрази врз односите помеѓу САД и Македонија.

    – Сакам да бидам јасен за влијанието врз односите со САД ако Македонија избере друг пат, ако се реши против уставни измени, ако заталка од патот кон ЕУ. Тоа би било загрижувачки за една членка на НАТО, земја за која се обврзавме дека ќе ја браниме врз основа на заедничките вредности. Се надеваме дека вашиот избор безбедносно да се приклучите во НАТО ќе се дополни со слична одлука да ѝ се приклучите на ЕУ – рече Марфи.

    Многу прецизна во толкувањето на пораката на сенаторот Марфи беше американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер.

    – Сметам дека неговата порака е важна, дека доколку тешките одлуки за напредување во евроатлантските интеграции не се направат до крајот на годинава, сигурно ќе има луѓе во САД, во Белата куќа, во Капитол… што ќе се прашуваат колкава е посветеноста на вашата земја во однос на евроатлантските интеграции и европскиот пат. Затоа, нема потреба од толкување на неговата изјава, верувам дека беше многу јасен – одговори Агелер.

    Логиката на апсолутната уцена

    Ние не сме рамноправна членка на НАТО бидејќи за ништо не решаваме, туку другите решаваат за нас.

    Ферид МухиќУниверзитетски професор, филозоф и публицист

    Универзитетскиот професор, филозоф и публицист Ферид Мухиќ во изjава за весникот „Нова Македонија“ вели дека во пораката на Марфи препознава форма на притисок и не исклучува можност да има некакви помали реперкусии врз односите меѓу двете земји ако не се спроведат уставните измени.

    – Несомнено, пораката на американскиот сенатор може да значи некакво загрозување на американско-македонските односи ако не ги направиме уставните измени. Одредени импликации ќе има, ако не санкции, тогаш секако некои мерки, промена на ставови, некои проекти и олеснувања би можело да бидат стопирани или одложени, едноставно така оди тоа. Нормално дека е ова притисок бидејќи од нас сè се бара и ќе продолжат да ни бараат – рече Мухиќ.

    Тој додава дека тие можат сè да бараат, да прифатиме и дека сме Бугари и дека јазикот ни е бугарски и дека тоа е услов за влез во ЕУ, а кој не го прифаќа тоа, значи е против Европа и не сака да влезе во Унијата.

    – Не е влегувањето „карт бланш“, ќе направам сè што сакате, само за да влезам. Не може тоа така, треба да ги гледаме и сопствените интереси – вели Мухиќ.

    За него целата оваа ситуација со меѓународните притисоци е предвидлива работа што корените ги влече уште од потпишувањето на Преспанскиот договор.

    – Сето ова е предвидливо уште од потпишувањето на договорот од Нивици, за кој исто така беше нејасно зошто требаше да се менува името за да се влезе во НАТО. Што има НАТО од тоа? Статусот наш во НАТО ќе беше ист како и сега, а тоа значи статус на вазал. Нашиве политичари велат дека ние сме рамноправна членка, но тоа е далеку од вистината. Ние не сме рамноправна членка бидејќи за ништо не решаваме, туку другите решаваат за нас. Ние сакаме тенковска единица, тие ќе ни кажат – не може. Ќе посакаме пет авиони, повторно ќе ни кажат дека не може и дека тие ќе нè штителе. Па сето тоа можевме да го постигнеме и без да го менуваме името, да си останеше Република Македонија. Целата работа беше само да се задоволи еден член на НАТО, а тоа е Грција. Сега ЕУ бара да ги задоволиме барањата на Бугарија. Тоа е логика на апсолутна уцена – истакнува Мухиќ.

    Рационалност, а не страв

    Меѓусебната партнерска врска помеѓу Македонија и САД е премногу силна за да би можела толку лесно да биде раскината, смета поранешниот македонски амбасадор во НАТО, Нано Ружин.

    Во отстапувањето од уставните измени и во одложувањето на европските ориентации на Македонија, Американците гледаат алатка со којашто им се дава сила на некои други сили кои имаат намера да го наметнат своето влијание на оваа територија.

    Нано РужинПоранешен амбасадор на Македонија во НАТО

    Тој им порачува на македонските политичари да бидат повеќе рационални отколку исплашени од изјавите на американскиот сенатор Крис Марфи.

    – Американските политичари секако дека прават многу подлабоки политички анализи од оние што ги прават македонските политичари. Во отстапувањето од уставните измени и во одложувањето на европските ориентации на Македонија, Американците гледаат алатка со којашто им се дава сила на некои други сили кои имаат намера да го наметнат своето влијание на оваа територија. Затоа сметам дека изјавите на американскиот сенатор и на американската амбасадорка одат токму во таа насока – на Македонија да ѝ се обезбеди брз и мирен пат во европската интеграција. Одлуката на опозицијата да не гласа за уставните измени, според Американците значи отстапување од про-евроатлантската вредносна оска. Кога ќе погледнете кои се основните чинители на чело со Левица и ВМРО-ДПМНЕ кои немаат цврста ориентација, сето тоа влијае врз американските политичари и ги предизвикува да ни испраќаат остри пораки – објаснува Ружин.

    Според него, рационалноста кај македонските политичари сега е најважниот елемент од кој зависи иднината на државата.

    – Без рационалност, ние не можеме повеќе да размислуваме за некоја еволуција, бидејќи и самите Американци сфатија дека внесувањето на Северна Македонија во ЕУ ќе донесе дополнително влијание и јакнење на овој регион. Веќе треба да ни биде јасно дека Европската Унија има сериозни претензии и проекти за овој регион и дека сака да ги исполни – изјави Ружин за Плусинфо.

    Гошев: Нашле да тегнат онаму каде што е тенко

    Поранешниот гувернер на Народната банка на Македонија, Петар Гошев, ја оценува изјавата на американскиот сенатор Марфи како „класичен притисок“.

    – Ова е класичен притисок. Не може со заплашување да се туркаат работите. Се работи за крајно безобѕирна изјава. Се знае која е ориентацијата на нашата земја, тука нема дилеми. Нека даде таква изјава Марфи кон Бугарија или, пак, кон Грција. Светот нема да ги сака така, можеби ќе им се плаши, но секако нема да ги сака – истакнува Гошев.

    Според него, за целото негово долгогодишно искуство во политиката ова е една од најнекоректните изјави што доаѓа од американска страна.

    – Не ми се допадна тоа што го слушнав и сметам дека тоа е една од најнекоректните изјави. Сум разговарал со многу американски амбасадори, уште од 1990 година, никој не се истрчувал со такви арогантни изјави. Нашле каде што е тенко да притиснат, а од друга страна говорат за вредности. Многу е лицемерно сето тоа – заклучува Гошев.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img