Олимписките игри во Париз, 33-ти по ред, ќе бидат свечено отворени вечерва од 19:30 часот со спектакуларна церемонија со карневал на бродови на Сена.
Церемонијата на отворањето, која почнува во 19:30 часот, ќе биде посебна и првпат во историјата нема да се одржи на стадион, туку спортистите и делегациите ќе пловат шест километри по Сена во 100 бродови, а на брегот се очекуваат 300.000 гледачи.
За прв пат во историјата свеченото отворање ќе се одржи на отворено, со рекорден број од 45.000 полицајци кои ќе се грижат за безбедноста на учесниците.
Париз е домаќин по трет пат во историјата, по 1900 и 1924 година и му се придружува на Лондон, кој ги организираше Игрите во 1908, 1948 и 2012 година. Организацијата на Игрите ќе чини околу девет милијарди евра.
На Игрите учествуваат 10.714 спортисти, во 32 спортови, од 206 земји и територии, плус група спортисти кои ќе се натпреваруваат под знамето на МОК, како и тимот за бегалци. Поради војната во Украина, Русија и Белорусија не учествуваат.
Најбројни се Американците со 592 репрезентативци, потоа домаќините, Французите со 573, Австралијците со 460, Германците со 428, Јапонците со 403, Кина со 388, Шпанија со 383, Италија со 371, Велика Британија со 327…
Единствениот спорт што „дебитира“ е брејкденс.
Натпреварите траат до 11 август, а свеченото затворање ќе се одржи на стадионот „Франција“ во Сен Дени, предградие на Париз.
Организаторите на 33 Олимписки игри во Париз официјално објавија дека е соборен досегашниот рекорд според продадени билети во историјата на Игрите.
Ден пред вечерашното свечено отворање, организаторите соопштија дека досега се продадени и поделени вкупно 9,7 милиони билети. Од нив, 8,7 милиони се продадени, а еден милион се доделени главно за лица со посебни потреби, спортски ентузијасти и помладата популација.
Организаторите решија да доделат билети по бројните критики дека цените на билетите се превисоки за многумина.
Претходниот рекорд според бројот на продадени билети го држеше Атланта во 1996 година, кога беа продадени 8,3 милиони влезници.
Организаторите додадоа дека сè уште има билети во продажба.
Игрите официјално ќе ги отвори францускиот претседател Емануел Макрон, а на свечената церемонија најавено е присуство на околу 120 шефови на држави и влади и други функционери, меѓу кои и германскиот канцелар Олаф Шолц и првата дама на САД Џил Бајден. Според весникот „Паризиен“, украинскиот претседател Володимир Зеленски нема да биде во Париз.
Засега не се знае кој ќе го запали олимпискиот оган, но според медиумите оваа чест ќе и биде доделена на француската спортистка и трикратна олимписка шампионка Мари Жозе Перек или на фудбалската ѕвезда Зинедин Зидан.
Свеченостите ќе вклучуваат музички и танцови изведби, како и светлосно шоу со настап на 400 танчари и 3.000 уметници.
Олимписката програма официјално почна во средата, а Игрите во Париз ќе траат до 11 август.