„Северномакедонците знаат дека нивниот глас не значи ништо, дури ни кога станува збор за одлучување за нивното име или јазик, а уште помалку за Србите, па би можеле барем да се воздржат ако не можат да ја поддржат Србија“.
Ова е дел од изјавата на поранешниот шеф на српската Безбедносно-информативна агенција (БИА) и поранешен министер за одбрана и внатрешни работи на Србија, Александар Вулин, како реакција на изјавата на шефот на македонската дипломатија Бујар Османи дека Македонија е еден од коспонзорите на резолуција во Обединетите нации за прогласување на 11 јули за Меѓународен ден за сеќавање и комеморација на геноцидот во Сребреница, објави српски Новости.
Вулин, меѓу другото, вели дека „Србија била едиствената земја која граничи со С. Македонија, а која од неа никогаш не побарала смена на државното име, историјата, Уставот или на официјалниот јазик“.
Додава дека „за сѐ што досега Србија сторила за неа, Северна Македонија ѝ се заблагодарила со тоа што го признала таканареченото ‘Косово’, а сега со ентузијазам учествува во резолуција со која Србите треба да ги прогласи за геноцидна нација“.
– Кога се викаа Поранешна Југословенска Република Македонија и Скопје, ние ги нарекувавме Македонија. Со нив делевме лекови за време на ковид-пандемијата, им ги дадовме нашите резерви од жито, брашно и шеќер, а Српската православна црква (СПЦ) на Македонската црква ѝ даде независност и име. Северномакедонците знаат дека нивниот глас не значи ништо, дури ни кога станува збор за нивното име или јазик, а уште помалку за Србите, па затоа можеле барем да се воздржат доколку не можат да ја поддржат Србија. Северна Македонија навистина треба да го смени јазикот заедно со името и историјата како што бараат Бугарите. Навистина е глупаво да користат речник во кој немаат зборови за чест, благодарност, пријателство, слобода и срам – гласи реакцијата на Вулин.
Реакцијата на поранешниот министер и прв човек на српската БИА следува откако шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, денеска објави дека Македонија е коспонзор, заедно со Германија, САД и други држави, на резолуција во Обединетите нации за прогласување на 11 јули за Меѓународен ден за сеќавање и комеморација на геноцидот во Сребреница во 1995 година и одбележување на секоја година.
Одговарајќи на новинарско прашање како очекува ова да влијае на односите со Србија, Османи рече дека односите со која било земја можат да бидат нарушени, како што рече, зашто осудуваме геноцид.