More

    Бизнисмени сакаат да ја разбијат илузијата дека заминувањето во странство носи и благосостојба

    spot_img

    Време е да се донесат храбри реформи кои ќе го спречат иселувањето на младите стручни кадри за да не се соочиме, многу брзо, со празна држава без никаква перспектива, предупредуваат експерти и бизнисмени, коментирајќи ги новите правила на ЕУ за единствена дозвола за работа и престој на странци со која се скратува процедурата за аплицирање за дозволата и се зајакнуваат правата на работниците од странство во земјите на ЕУ.

    Според нив, ако државата не преземе ништо да го спречи новиот бран на иселување кој ќе биде предизвикан од овие олеснувања, не може да смета на никаков развој во иднина. За почеток, велат тие, мора да почнат разговори за тоа колку овие олеснувања кои ја поттикнуваат миграцијата носат поволни резултати за земјава, а колку ѝ носат штета. Тие сметаат дека крајно време е да се отвори прашањето за влогот на државата во образованието на тој кадар и тоа да се искористи за ограничување на можноста за заминување во странство и конечно да се разбие илузијата дека секое заминување во странство не носи благосостојба во животот на поединецот кој заминува.

    Европската Унија недамна донесе измени на Директивата за единствена дозвола и престој со цел да привлече стручно оспособени и талентирани кадри кои ѝ се потребни на ЕУ и воедно да се надминат некои од недостатоците во однос на легалната миграција во Унијата.

    Согласно оваа директива, надлежните органи на земјите членки на ЕУ, треба да ја издадат дозволата или да го одбијат барањето за нејзино издавање во рок од 3 месеци од поднесувањето на пополнетата апликација. По исклучок, во случај на „сложени апликации“ овој краен рок може да биде продолжен за дополнителни 30 дена. Лицата кои ќе добијат единствена дозвола ќе можат да го сменат работодавачот, кој бил основа за нејзино издавање, но за тоа треба да ги известат властите. Се воведуваат и правила доколку странските работници што поседуваат единствена дозвола за работа и престој во ЕУ останат без работа. Ним им се дозволува да останат на територијата на земјата членка на која се наоѓаат најмногу 3 месеци во периодот на важност на дозволата или најмногу до 6 месеци доколку документот е одобрен пред повеќе од 2 години.

    Експертите и бизнисмените велат дека со овие олеснувања за увоз на странски работници во земјите, Европската Унија покажува дека има хроничен недостиг на кадар, а земјава прашањето го става под тепих бидејќи не сака да го реши. Според нив, ЕУ го согледала и проблемот дека економиите се во криза бидејќи се обидува да ги подобри условите кога работниците кои дошле од странство ќе останат без работа. Но, велат тие, ЕУ, се грижи за самата себе, и не се грижи за економиите на земјите кои претендираат да станат членки на Унијата од кои се одлива најголемиот дел од кадарот како и за земјите од кои сака да увезе кадар.

    – Тоа најдобро се гледа низ примерот на Германија која ги олесни процедурите за увоз на работници главно за земјите од Западен Балкан, притоа неводејќи грижа дека овие земји се демографски исцрпени и од нив не може да црпи доволен број квалитетен и млад кадар, па се доведе во состојба да биде незадоволна од резултатот кој го постигна со увозот на работници. Тоа треба да ни покаже дека е дојдено време да се запрашаме дали ЕУ со новата регулатива и посебно Германија како наш економски партнер ни прават услуга со тоа што ги таргетираат работниците од регионот за мигрирање или ни прават штета бидејќи веќе сме доведени до состојба да не можеме да функционираме како економија поради недостиг на работници. Се покажа дека ЕУ само мисли на себе и ги промовира лошите политики на земјите од кои го зема образованиот кадар – вели професорот Здравко Савевски.

    Според него, одливот на младите, стручните и талентираните на краток рок е добар за поединецот, но на среден рок за државата е погубно и затоа треба отворено да се говори за проблемите.

    – Мора да го отвориме и прашањето дали секаде е подобро, па и во Србија отколку во земјава или е тоа само илузија која им успева на малкумина млади, а остатокот кој се иселува не успеваат да го подобрат животот. Не се 100% сите успешни што ќе заминат во странство. Можеби 1% да, но што со другите? Кај нас треба да се отвори разговорот дали сите кои ќе заминат надвор ќе го подобрат животот. При одлуката да се замине најчесто се гледаат платите, но не се смета на трошоците кои ги има таму. Забораваме дека во странство секој ја губи мрежата на поддршка, семејството и пријателите што е значајна за животната благосостојба, односно го губат социјалниот живот. Тука математичката егзактност не функционира – вели Савевски.

    Тој го смета за позитивен фактот што ЕУ согледала дека економиите се во криза и дека некои од странските работници први ќе останат без работа и затоа добро е што ги подобрува нивните права.

    Бизнисменот Ангел Димитров вели дека е време да се направат храбри реформи кои се непопуларни и досега никоја политичка гарнитура не сакала да ги направи и се ставал проблемот под тепих , за да не ни се испразни државата од кадар и од луѓе.

    – Никој не сака да спроведе непопуларни мерки, но такви треба да се спроведат што е можно побрзо, бидејќи државата се празни. Едно од прашањата кое треба да придонесе за запирање на иселувањето, а треба да го реши државата со своите граѓани е враќање на влогот во нивното образование. Државата има голем влог во образованието на кадарот и треба да создаде мерки со кои ќе ја ограничи можноста без да се врати тој долг да не може да се замине во странство. Можност за тоа има, но треба државата да биде решена да го запре иселувањето. Може, на пример, да определи број на години кои треба да се поминат на работа дома пред да се замине во странство или да се обезбеди гаранција од секој кој ја напушта земјата дека ќе ги врати парите кои државата ги вложила во неговото образование – вели Димитров.

    Според него, ако не друго барем државава сега може да прифати некои од олеснувањата кои ЕУ ги воведува за странците за побрзо давање дозволи за престој и работа за да можат компаниите да увезат работници.

    – Кога бизнисот создава државата и синдикатите можат да се договараат за платите и за придонесите, но кога нема кој да создава, не знам што ќе договараат. Но, се чини никој не мисли на иднината бидејќи ги интересира сегашноста и кој ќе владее со земјата, а кога државата ќе биде празна се прашувам со кого ќе се владее – вели Димитров.

    И двајцата очекуваат дека олеснувањата кои ги предвидува Европската Унија во однос на увозот на кадар од трети земји ќе го одлеат и остатокот од кадарот кој сака да замине во странство.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img