Поради штрајкот на вработените во Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), кој почна денеска, нема да има плати во јавното здравство, но граѓаните ќе можат да ги добиваат своите рецепти и упати – информираше денеска Бранко Аџигогов, претседател на Синдикалната организација на ФЗО.
Граѓаните да не се мачат и воопшто да не доаѓаат во ФЗО со барање за рехабилитација, за надомест на ортопедски помагала, барања за исплата на породилно, барања за исплата на боледувања, како и барањата за осигурување во странство, т. е. за двојазичните обрасци.
– Ќе се извршуваат само неопходните работни задачи, како пријава на малолетно лице како член во осигурување, регулирање на осигурување за хоспитализирано лице и лекување во странство за итни случаи. Лекарските комисии кои ги продолжуваат боледувањата продолжуваат непречено да работат. Не ни е идејата врз болни лица да тераме правдина – рече Аџигогов.
Исто така нема да се вршат исплата кон сите кои што имаат договор со ФЗО, тоа е јавното здравство и огромен дел од приватното здравство. Прекинати се договорите за вработување во јавно здравство, префрлувањата на договорите за јавно здравство и оние на кои со одлука треба да им се трансформира работниот однос.
– Во јавното здравство сега е пресметковен период, исто така и за буџетот, за капитациите. Сега за сега, во моментот не се работи ништо – одговори Аџигогов на прашањето дали ќе има плати за вработените во јавното здравство.
Вработените во Фондот од денеска штрајкуваат, затоа што од 9 јануари, со препорака од Владата, се бара да им бидат намалени платите од 21 процент.
– Револтот кај вработените е огромен. Штрајкуваат и оние кои се во други синдикати. Да останат оние плати што ги добивме со декемвриската. Не бараме ништо повеќе, ами само да ни останат платите во висина како што беа со декемвриската. Штрајкот нема да престане, дури и по цена да не земат плата, како што е сега случајот. Во моментов, вработените во ФЗО немаат плата, рече претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) Трпе Деаноски.
Тој апелираше до Владата, на утрешната седница на која веќе пратиле допис до техничкиот премиер Талат Џафери, да отвори точка на дневен ред, да се разгледа нивното барање.