Вработени во Министерството за финансии бараат веднаш да се започне со исплата на додатокот на плата во висина од 30% за сите вработени, бидејќи сите ги исполнуваат условите како резултат на зголемен обем на работа и сложеност во постапките.
-Во врска со доставувањето на Колективниот договор во Министерството за финансии со кое баравме да го потпише министерот Фатмир Бесими, а кој се однесува на зголемување на платите за 30% за сите вработени во Министерството и за органите во состав, информираме дека во зададениот рок до 12 февруари, немаме никаква информација дали е потпишан, ако не е, да ни се образложи од кои причини – нагласуваат тие.
Синдикатот на Министерството за финансии при УПОЗ пред 5 дена најави протести и штрајкови, ако не се потпише колективен договор.
– Бараме да ни се вратат дополнителните 30% на плата што ни ги укина Уставниот суд. Му даваме рок на министерот да го потпише до распишувањето на изборите, доколку не го потпише ќе продолжиме после изборите со протести и штрајкови и нема да функционира Министерството за финансии. Нема да се работат експропријациите за „Бехтел и Енка“ и нема да се исплаќаат плати за цела јавна и државна администрација – рече Даниел Михајловски, претседател на Синдикална организација на Министерството за финансии.
Тој додаде дека бараат рамноправност во вреднувањето на трудот и рече дека со потпишувањето на колективниот договор, трајно ќе се реши проблемот со платите.