Во Велика Британија се разговара за можноста за зголемување на старосната граница за пензионирање од сегашните 66 на 71 година до 2050 година. Предлогот е резултат на истражувањето спроведено од Меѓународниот центар за долговечност (ILCUK), кој го анализираше влијанието на зголемувањето на животниот век и падот на наталитетот врз пензискиот систем на Британија.
Сегашната пензиска возраст од 66 години ќе се зголеми на 67 години помеѓу мај 2026 и март 2028 година. Се очекува дополнително да се зголеми на 68 до 2044 година.
Од 1948 до 2010 година, старосната граница за државна пензија била 60 години за жени и 65 години за мажи.
Според Меѓународниот центар за долговечност, зголемувањето на старосната граница за пензија е неопходно за да се одржи сегашниот сооднос меѓу работниците и пензионерите, што е клучно за финансирање на државните и приватните пензии. Обединетото Кралство плаќа државна пензија која моментално во просек изнесува 238 евра неделно, а повеќето британски пензионери добиваат и приватна пензија.
Според Светската здравствена организација, просечниот животен век во Велика Британија е 81,4 години за двата пола, 79,4 години за мажите и 83,4 години за жените.