Едногодишно девојче загина во Шпанија откако беше погодено од град за време на невреме, недалеку од каталонскиот град Ла Бизбал де л’Емпорда, пишува „Дејли мејл“.
Таа итно била пренесена во болница, но починала неколку часа подоцна од тешка повреда на главата.
Најмалку 30 лица се повредени во невремето и повеќето од нив побарале лекарска помош. Пријавени се исекотини кај некои, а во еден случај и скршен нос.
Голем број автомобили и згради беа оштетени од град со големина на тениско топче. Градот уништи соларни панели и покривни конструкции.
Метеоролозите од Каталонија соопштија дека овој град, со големина од околу 10 сантиметри, во близина на туристичкиот град Жирона во близина на границата со Франција, е најголемиот во последните 20 години.
Невремето започна доцна синоќа и траеше околу 15 минути.