Бројот на загинати во рускиот ракетен напад во вторникот врз воен институт во градот Полтава во централна Украина денеска се искачи на 55, соопштија службите за итни случаи по завршувањето на спасувачката операција.
Тоа е најсмртоносниот руски напад врз Украина од почетокот на оваа година, а во него се ранети 328 лица, соопшти службата за итни случаи на Телеграм.
Началникот на регионот Полтава, Филип Пронин изјави дека 27 ранети се на интензивна нега.
Претходно беше соопштено дека во нападот загинале 51 лице.
Руските сили извршија два напади со балистички ракети врз воена образовна институција.
Во областа Полтава е прогласена тридневна жалост.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека целта била напад врз војници и странски инструктори.
Копнените сили на Украина соопштија дека во нападот загинале воени лица, без да наведат детали.
Руските сили ги засилија ракетните напади врз Украина во последните недели.