Во Анкара утрово во 09.30 часот се случи терористички напад кога бомбаш самоубиец активирал експлозивна направа во близина на зградата на полицијата, пренесоа турските медиуми.
Турскиот министер за внатрешни работи, Али Јерликаја, изјави дека „еден терорист се разнесе, а вториот е неутрализиран“ во терористичкиот напад врз седиштето на турската национална полиција во главниот град Анкара.
Јерликаја во објавата на социјалните мрежи напиша дека терористите се доближиле до зградата на полицијата со лесно комерцијално возило и дека еден од нив го активирал експлозивот и се разнел, а вториот, додаде, бил „неутрализиран“ во престрелката со полицијата која следела, во која двајца полицајци, исто така, биле полесно ранети.
Булеварот Ататурк е затворен за сообраќај откако се слушна звук на експлозија на локација во близина на капијата на Големото национално собрание на Турција во областа Чанкаја.
Се утврдуваат причините за експлозијата во населбата Кизилај.
Експлозијата одекна во близина на турскиот Парламент, кој по летните одмори попладнево повторно треба да заседава со присуство на претседателот на државата Реџеп Таип Ердоган.
На местото на инцидентот се тим за специјални операции, членови на обезбедувањето на претседателот, противпожарни екипи и медицински екипи.