Ова е тежок ден, ден на смртта и ден за кој била платена висока цена. Цената на животот и слободата. Слободата е скапо нешто, веројатно најскапото нешто на светот. Тоа е смрт за еден млад човек која ја платил со животот за слободата на сите, изјави денеска внукот на најмалиот брат на Гоце Делчев, диригентот Христо Христов, по положувањето на цвеќе пред гробот на Делчев, во црквата „Свети Спас“ во Скопје.
– Ние сме родени за да бидеме слободни, сите да сте живи здрави. Тој се бореше за слобода на луѓето. Тие кои биле тогаш живи, се борел за нив да не бидат раја, да имаат човечки живот. Голема тешкотија е, веројатно треба да продолжат да се борат Македонците за својата слобода. Таа е нешто што треба да се дише постојано, додека си жив – рече Христов.
Прашан дали со тензиите меѓу македонската и бугарската страна се зачувува мислата на Делчев дека „светот го гледа како поле за културен натпревар меѓу народите“, Христов рече дека она што се случува денес е токму спротивното од кажаното на Делчев.
– Тоа е голема тешкотија. Веројатно треба да продолжат да се борат. Додека сме живи треба да дишеме. Слободата е како нешто кое треба да се дише. Не може да дишеш двапати да кажеш – готово, толку беше. Не, се дише додека си жив. И за слободата се бориш додека си жив, потоа се следните – вели Христов.
Тој напомена дека има желба да направи мирен и културен проект кој вклучува музичари од двете држави.
– Моја лична желба беше на денешен ден да направиме мирен и високо културен проект кој вклучува музичари од двете држави и да ги изведат химните на двете држави, но и да отсвират нешто од последниот дел на деветтата симфонија на Бетовен, „Ода на радоста“ која всушност е химна на Европа – додаде Христов.
Христов денес беше меѓу ретките Бугари кои дојдоа да се поклонат на гробот на Гоце Делчев.