Познатиот македонски музичар и една од најголемите ѕвезди на поранешна Југославија, Влатко Стефановски, кој годинава слави 50 години на сцена, на 6 јули ќе одржи голем концерт во Ниш, јави дописникот на МИА од Белград.
Стефановски во градот на Нишава ќе настапи заедно со своето трио составено од Јан Стефановски (тапани) и Иван Кукиќ (бас), а концертот ќе се одржи во дворот на Универзитетот (Бановина) со почеток од 21 часот.
Магионичарот на гитара ќе ја потсети нишката публика на неколку од неговите најпознати хитови какo што сe „Ноќта будна“, „Јованo Јованке“, „Учи мe маjкo, казни мe“, „Kaко кaкао“, „Чyкни во дрво“, “Скoпje”, „Maкедонско девојче”, „Mамурен народ”…..
За овој концерт има огромен интерес од публиката.
Стефановски неодамна за „Танјуг“ изјави дека во 2024 година ќе ја прослави својата 50-та година на сцената, бидејќи како музичар првата плата ја земал во трета година во гимназија. Познатиот гитарист откри и дека подготвува нов албум, пишува мемоари и дека е во преговори со австриската компанија „Tomastik infeld“ наскоро под неговото име да се појават жици од гитара, што, како што вели, му претставува голема чест. Стефановски рече и дека никогаш не свири на тезги и дека на светот му требаат автентични уметници.
– На свој концерт не можеш да бидеш странец, мора да си убедлив, во елемент, внатре, како генератор на енергија и расположение – посочи Стефановски.
Почнал да свири гитара на 13-годишна возраст, а веќе на 18-годишна возраст ја основа групата „Леб и сол“, која набрзо станува една од најпопуларни рок групи на поранешна Југославија, вешто спојувајќи ја македонската традиционална музика и современ рок.
По распадот на групата „Леб и сол“, Стефановски од средината на деведесеттите развива успешна соло кариера. Со своето „Влатко Стефановски Трио“ настапуваше низ целиот свет, а во 2007 година доделен му е почесен докторат по уметност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.
Легендарниот музичар е познат по својата уникатна гитарска техника и тон бидејќи создава богат звук исполнет со имагинација и едноставност. Благодарение на неговата виртуозност и склоност кон интересни импровизации, неговиот шармантен пристап кон балканската музика и неисцрпната енергија со која плени со децении, Стефановски важи и родоначалник на етно-рокот.