Во Вишиот суд во Белград денеска продолжи граѓанската постапка против Миљана и Владимир Кецмановиќ, родителите на момчето убиец кое на 3 мај лани уби 9 ученици и обезбедувач на основното училиште „Владисалв Рибникар“, објави српскиот портал Нова.
– Имаме нови докази за поднесување, поточно петиција потпишана од повеќето родители, чија тема беше насилството во училиштата. Во петицијата посочија дека е потребно да се реагира и да се спречи насилството во училиштето за да нема смртни последици, но училиштето ништо не направило на овој план. Исто така, го повлекувам судскиот предлог за сведочењето на Владимир и на Миљана бидејќи тие не се во можност да сведочат и не сакаат да ги повредат жртвите и родителите на жртвите со приказната дека тие внимателно го воспитувале своето дете – изјави адвокатката на семејството Кецмановиќ, Марина Ивеља.
Ивеља говореше за извештајот од советот на родители со анализа на учениците и нивната психичка состојба по пандемијата на коронавирусот.
– Училиштето е должно да преземе превентивни мерки и да спречи ваков исход. Би сакала да поднесам и извештај од Советот на родители каде што детално се анализирани 21 ученик и нивната психичка состојба по пандемијата на коронавирусот. Тогаш било утврдено дека кај децата имало зголемени мисли за самоубиство, како и депресија – рече Ивеља.
Марина Ивеља рече и дека треба да се укинат дежурствата на учениците.
– Доставувам и допис од Министерството за образование во кое стои дека треба да се укинат дежурствата на учениците. Училиштето има одговорност. Ако некој од наставниците беше на местото на дежурните ученици, можеби ќе можеше да го спречи или барем да не ги убие децата – објасни Марина.
Адвокатката зборуваше и за традицицијата на пукање во Србија.
– Децата пукаат во ловечки кампови, тоа е во духот и обичаите на нашиот народ. И по 3 мај деца помали од К. К. можат да пукаат со огнено оружје. Приложив и видео од надзорната камера од кампот на кое јасно се гледа дека Владимир не го тренирал Коста да пука, туку претседателот на стрелачкото друштво, а Владимир не разбрал дека е забрането да се носи дете на стрелиште – појасни таа.
Судот побара да се достави и решението за разрешување на директорката Снежана Кнежевиќ која даваше исказ пред обвинителството цели 6 часа.
Правниот застапник на училиштето, Сања Дуњиќ, одговори на оваа забелешка на адвокатката на семејството Кецмановиќ и рече дека писмото од министерството стигнало до сите училишта по масакрот во август лани.
Следното рочиште е закажано за 20 септември во 10 часот кога ќе бидат изведени писмени докази и ќе биде сослушано семејството на повредениот малолетник.
Судот нареди и вештачењето на оштетениот Д. Ј. од страна на ортопед, но и психијатриско вештачење на момчето убиец Коста Кецмановиќ, кое беше прегледано од комисијата.