More

    Владиката Партениј ќе го тужи владиката Петар за клевета?

    spot_img

    Не запираат препукувањата помеѓу митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар и викарниот епископ и игумен на Бигорскиот манастир, г. Партениј, а атмосферата дополнително се вжешти по вчерашното интервју на владиката Петар за ТВ24, каде што распали по својот колега.

    Владиката Петар го обвини владиката Партениј за повеќе работи, а Бигорскиот манастир денеска испрати соопштение до медиумите и побара од г. Петар да се извини за искажаните ставови.

    Во спротивно, наведено е во соопштението, ќе следува тужба.

    Ви го пренесуваме соопштението на Бигорскиот манастир во целост:

    Со оглед на тоа што до нашето монашко братство стасуваат бројни пораки на растревожени верници и граѓани коишто се огорчени од вчерашниот телевизиски настап на митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар, се наоѓаме повикани да излеземе со јавно видување на од него искажаните клевети, навреди, невистини и небулози. Едноставно, и за себе и за јавноста треба да кажеме дека г. Петар говори невистина. Ние не сме во личен конфликт со никого, но го задржуваме правото кога сме неосновано нападнати, поради очигледна индиспонираност, да реагираме, информираше Бигорскиот манастрир преку соопштение.

    Имено, на 2 мај 2023 година, во емисијата ‘Аргумент плус’ на националниот телевизиски канал ТВ 24, Митрополитот јавно изнесе тешки и сериозни клевети и обвинувања кон нашето братство и сестринствата, предводени од игуменот епископ г. Партениј. Во својот настап, кој според сите законски норми и етички кодекси се карактеризира како говор на омраза и повик за јавен линч, тој, служејќи се со лаги, неаргументирано ги обвини нашето братство и сестринствата за повеќе злодела.

    Меѓу другото, владиката Петар бескрупулозно тврдеше, и покрај предупредувањата од страна на новинарката за немање докази, дека ние „сме заведувале и киднапирале девојчиња“. Мораме веднаш да ја отфрлиме оваа страшна клевета, за која дури ни е тешко да поверуваме дека излегува од устата на еден архиереј на Црквата. Реалноста е сосема спротивна од кажувањата на владиката. Широко познато е дека нашите манастири се отворени за јавноста и секогаш достапни за органите на власта и безбедноста, така што во секое време може да биде проверена и потврдена невистинитоста на оваа клевета. Впрочем, сите жители и присутни во нашите манастири се наоѓаат во нив доброволно, без принуда, по свој сопствен избор и волја и можат во секое време слободно да ги напуштат доколку сакаат, бидејќи манастирите немаат и не сакаат да имаат инструменти и механизми за принудно задржување на луѓето. Што се однесува, пак, до монасите, монахињите и кандидатите за монаштво, сите тие се полнолетни личности коишто по своја слободна волја пристапиле кон монашкиот живот и тоа можат да го посведочат во секое време.

    Понатаму, владиката Петар изнесе тврдење дека ние монасите сме биле виновни за тоа што тој бил неколку пати уапсен од македонската и од австралиската полиција. Оваа нелогична изјава завршува со чудниот заклучок дека ние имаме такво силно влијание што го контролираме полицискиот апарат на две држави, матичната и една прекуокеанска. Да не беше искажана со таква сериозност од еден висок претставник на црковниот клир, ваквата изјава ќе беше навистина комична, но за жал, сега е трагична. Се прашуваме, ако сме толку моќни, зошто владиката ја има оваа слобода да говори толку и така негативно и невистинито?

    Владиката Петар, исто така, го повреди и нашето македонско национално чувство, тврдејќи дека сме нешто друго, иако досега повеќепати и тоа јавно сме посведочиле за тоа. Но тој тенденциозно се служеше со испревртување и вадење од контекст на зборови напишани на нашата интернет страница, иако и во сето тоа намерно первертирање тој не успеа да најде јасен исказ каде што се вели дека сме нешто друго, освен Македонци.

    Невистините изречени од владиката Петар се простираат дотаму што лажно посведочи дека лично тој го замонашил нашиот Старец, Епископот г. Партениј во манастирот Слепче и дека овој заминал уште следниот ден и за еден месец се нашол во Бигорски, откако претходно наводно избркал две монахињи што биле таму. Значи, вистината е дека владиката Партениј е замонашен две години по својот едномесечен престој како искушеник во Слепче во 1993 година (владиката Петар патем, треба да се запраша во какви (не)услови го имаше оставено младиот искушеник тогаш), односно на 5 август 1995 година, во Бигорскиот Манастир, од страна на нашиот надлежен архиереј, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј – за што постои фото и аудио материјал, достапен и на интернет. Исто така, далеку од вистината се и озборувањата на Митрополитот Петар за некакво си изгонување на монахињи со полиција од манастирот, бидејќи отец Партениј воопшто не ни ги затекнал некогаш, а и кога би сакал – не би можел, зашто во Дебарско-кичевската епархија функционира црковната администрација и таа има свој надлежен архијереј кој одлучува. Ние и денес се водиме по тој востановен поредок во нашата епархија од страна на надлежниот архијереј, имајќи од него благословен типик, согласен со одлуките на отците и преданието на Црквата. И каква е таа „кариера“ за која зборува владиката Петар, кога нашиот Старец стана викарен епископ дури по цели 25 години сеоддајна монашка служба, откако претходно беше запазена до точка целата процедура согласно уставот и правилниците на МПЦ-ОА и беше избран по пат на консензус од сите синодални владици? А за тоа дека до ден денес нема земено ни денар плата како владика, нема потреба да зборуваме.

    Во врска, пак, со замислените трврдења на владиката Петар дека Бигорскиот Манастир е „парацрква“ и дека сме „над Синодот на МПЦ-ОА“, ние уште еднаш ќе го повториме сведоштвото дека ние како монашка заедница сме нераскинлив дел од нашата најсвета Црква, на којашто доброволно сме ѝ ги посветиле своите животи во жртва и послушание. Како е возможно да бидеме обвинети дека сме некаква паралелна институција, кога немаме ни мотив, ни желба, ни ресурси да бидеме фактор кој ќе генерира и наложува одлуки кои се спротивни на одлуките на Црквата?

    Во телевизискиот настап на владиката Петар имаше и многубројни други бесмислици и нелогични нешта, како и клевети и обвинувања и кон други клирици на МПЦ-ОА. Како и претходно, владиката Петар изнесе невистини и за поранешниот шеф на Кабинетот на Архиепископот, истакнувајќи го неговото човечко право да биде пријател со кого чувствува и сака како негов “грев”, сведувајќи го дури на некаква изманипулираност. Придружувајќи се кон ова наше изјаснување, отец Бобан Митевски исто така ја изразува својата вознемиреност поради опсесивноста на г. Петар со него, со постојано искривување на реалноста и изнесувањето на лажни докази за неговото работење во администрацијата на Архиепископот. Во оваа прилика, потсетуваме на демантот на Кабинетот на Архиепископот на оваа тема од пред неколку месеци: „Воедно ги демантираме и посочуваме како невистинити и информациите… за поранешниот шеф на Кабинетот на Архиепископот, информирајќи ја јавноста дека неговото заминување од позицијата Шеф на Кабинетот беше на негово барање, поради лични предизвици и дека истиот до крајот на своето задолжение доследно и најпрофесионално ги извршуваше своите обврски, останувајќи на располагање со својата компетентност и во иднина, по наоѓање на Архиепископот“. Дали и покрај ваквиот демант, продолжувањето со лажните обвинувања, значи непочитување и на самиот Архиепископот.

    Нам како монашко братство и монашки сестринства, сецело оддадени на служба за Бога и за ближните, за љубовта и слободата, ни е навистина тешко да поверуваме дека такви клеветнички и навредливи зборови и обвинувања можат да излезат од устата на еден архиереј на Црквата Божја, чијшто призив е, пред сè, да шири љубов, проштавање, милосрдност и сл. Оти, Светиот Апостол и Евангелист Јован поучува дека лагата доаѓа од ѓаволот, кој кога зборува лага, говори од себе, зашто е лажливец и татко на лагата (Јован 8,44). Но, како што нагласи и самата новинарка во емисијата, луѓето водени од зависта, честопати ги деградираат и ругаат оние за кои сметаат дека се поуспешни од нив.

    Имајќи го предвид горе изложеното, а со цел да ја одбраниме својата христијанска чест и достоинство за волја на вистината, но и за да ги смириме духовите на вознемирените верници и граѓани од клеветите на владиката Петар, ние бараме од него јавно извинување за сите изнесени невистини. Во спротивно, и покрај сета наша должна почит, монашка љубов и простување кон него како кон архиереј на Црквата, ние, како општествено одговорни граѓани, ќе бидеме приморани да започнеме постапка пред надлежните институции, заради претрпените трауми кај себе и кај огромниот број верници и граѓани. Оти, и кога нашиот Спасител Господ Исус Христос беше обвинуван од првосвештениците, рече: Ако реков нешто лошо, докажи го лошото; ако ли, пак, добро – зошто Ме удираш? (Јован 18,23) Впрочем, во вчерашниот настап на владиката Петар имаше очигледни елементи на говор на омраза, повик за јавен линч и клевети за сериозни злодела, што е повеќе од доволно одговорните институции самоиницијативно и по должност да покренат постапка за кривична одговорност.

    Во меѓувреме, ние ќе продолжиме усрдно да се молиме за владиката Петар, а ги повикуваме и сите верници да се молат за него, та мирот Христов да се всели и во неговата душа, откако желбата за осудување и лага ќе ѝ отстапи место на љубовта Божја.

    Христос воскресе!

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img