Владата на разни фирми им исплатила 100 милиони евра како помош во ковид-кризата без да бара отчет како се потрошени парите, обвини денеска портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ и пратеничка Марија Митева.
-Кога велиме ограбена држава, мислиме на десетици и стотици милиони евра кои од владата на СДСМ и ДУИ завршиле кај ним блиски фирми и лица, наместо во проекти од општо добро и значење. Нашите тврдења сега се поткрепени и од Државниот ревизор, со ревизијата завршена во мај 2023 година, која точно посочува како се трошеле стотици милиони евра народни пари. Во извештајот се констатира дека преку владината потпрограма мерки за справување со ковид-19 кризата, исплатени се средства во износ од над 6 милијарди денари без утврдени критериуми во однос на избор на институции и износот на одобрените неповратни финансиски средства. Тоа се цели 100 милиони евра – рече Митева.
За да може да разбереме колкава штета е направена, додаде таа, ќе нотираме дека изградбата на нов Клинички центар во Скопје со оставен проект во 2017 година ќе чинеше 120 милиони евра.
-Значи, Владата на СДСМ и ДУИ за една година на сомнителен начин поделила пари колку за еден нов Клинички центар во Скопје. Се разбира никој не знае како се поделени истите, ниту што е ефектот. Кога се прашуваме зошто власта на СДС и ДУИ за 7 години не направи нов Клинички центар, а иако имаа готов проект, еве го одговорот – рече Митева.
Според пратеничката, наодите на ревизијата се уште пострашни затоа што при поделбата на овие 100 милиони евра, 33 отсто од примателите на парите не ѝ доставиле извештај за реализираните активности на Владата.
– Тоа во буквален превод значи дека Владата воопшто немала претстава каде завршиле цели 33 милиони евра од 100 милиони кои ги делела без јасно утврдени критериуми. Ова е само еден дел од злоупотребите констатирани од ДЗР за само една буџетска година. Деновиве ќе продолжиме со изнесување детали од истиот извештај за други неправилности. Одговорност мора да има – рече портпаролката на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.