На вчерашната седница Владата на Македонија го утврди текстот на предлог законот за изменување и дополнување на Законот за медиуми. Измените се однесуваат на националните весници кои, како што образложува Владата, имаат сериозни проблеми со големите трошоци за печатење и дистрибуција, како последица на високата цена на хартијата и на зголемувањето на цените на горивата. Оваа одлука е донесена „предвид дека медиумите имаат голема улога во развојот на демократските капацитети на државата, унапредувањето на економијата, развојот на етичките норми и стандарди на новинарството, придонесот кон отворање дебати за прашања од јавен интерес, соопшти вчера Владата.“
„Со измените и дополнувањата, како што е образложено од предлагачот, Министерството за информатичко општество и адиминистрација, се уредуваат: еднократна финансиска помош што печатените медиуми би ја добивале од страна на Владата на Македонија, начинот на објавување на јавниот повик до печатените медиуми, како и процентуалниот износ што Владата ќе го покрие во делот на трошоците за печатење и дистрибуција на весниците. Регилирани се правото на учество и условите коишто треба печатениот медиум да ги исполнува, а се предвидува и основање Комисија којашто е надлежна да одлучува по однос на поднесените барања“, се вели во владиното соопштение.
Оттаму додаваат дека Владата и досега ги поддржувала печатените медиуми преку донесување Програма за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми. Но, со овој утврден текст на предлог закон за изменување и дополнување на Законот за медиуми, ова прашање се предлага да се уреди преку системско решение, како дел од Законот за медиуми.
Предлог текстот ќе се испрати на усвојување во Собранието на Македонија.
Иако бараа да влезат во Законот за медиуми, онлајн медиумите не се вклучени во предлог измените на Законот за медиуми. Како што е познато, во Државната изборна комисија се пријавиле дури 249 онлајн медиуми за платено политичко рекламирање за претстојните кампањи за претседателските и за парламентарните избори.