Владата ја ограничи на 10% маржата во трговијата на мало со училишна опрема, а во трговијата на големо на 5%, информира денеска премиерот Христијан Мицкоски кој ја промовираше мерката „Помалку трошоци-повеќе за тебе“ која, како што рече, ќе придонесе да се намалат за половина трошоците на родителите кои имаат ученици во семејството.
– Со оваа одлука се ограничува највисоката трговска т.е. профитна маржа на училишниот прибор како што се тетратки, ранци, боици, фломастери, пластелин, подлоги, маркери, мрсни и акрилни бои, водени бои, линеари, острилки, гуми за бришење, четки, шестари, детски ножици, футроли, училишни додатоци, компаси, дигитрони, креди, табли, чаши за прибор и држачи, како и други производи потребни за учениците кои ќе значи пониски цени и пристапност за сите наши граѓани – рече Мицкоски.
Премиерот соопшти дека Владата нема да дозволи дуополи и монополи и затоа имаме двојно поголеми цени некој ќе заработува преку огромни разлики на цените од увоз и оние кои се во трговските објекти кои плаќаат граѓаните.
– За илустрација увозната за маркери 60,1 денари, а во малопродажба е 130 денари. Цена за јаглен за цртање во пакување од 300 е 68,6 денари во малопродажба таа изнесува 200 денари, кај моловите увозна цена е 54,1 денар, а се продаваат 120 денари. Тетратка се продава за 85 денари, а имаат увозна цена двојно пониска – рече Мицкоски.
Тој рече дека одлуката не е доцна донесена, бидејќи ќе влијае на трошоците кои ги имаат семејствата во следниот период.
– Секогаш може да се направи нешто поинаку. Мислам дека секоја мерка е добредојдена за буџетот на семејството, од проста и едноставна причина што откако беше констатирана состојбата во малопродажбата тогаш веднаш се реагираше. И на мене не ми паѓа на памет некој производ што има увозна декларација од 50 денари да се продава по 120-150 денари. Убеден сум дека со оваа мерка ќе заштеди половина од буџетот на семејството. Да има и такви кои обезбедиле дел од училишниот прибор, но во наредниот период ќе имаме и други вакви мерки што ќе значат заштита на „есенската кошничка“ и на зимската – додаде Мицкоски.
Премиерот најави дека мерката „Помалку трошоци-повеќе за сите“ ќе се проширува со намалување и на други цени кои ќе бидат поврзани со трошоците на домаќинставата за зимница, за греење и друго.