Венецуела ги суспендираше новите испораки на сурова нафта за ЕУ, а за да продолжи со испораките побара да ѝ бидати испорачани готово гориво и нафтени производи, дознава Ројтерс. Претходно, венецуелскиот гигант ПДВСА имаше договор со кој ќе испорачува нафта за ЕУ преку САД со која ќе се исплаќа долгот кој фирмата го има кон италијанската фирма „Ени“ и шпанскиот „Репсол“. Но, изгледа дека овој договор нафта-за-долг пропаѓа.
– ПДВСА сака да се врати на размената на нафта (со нафта), а тоа сè уште не е можно. Нема интерес за договор нафта-за-долг – рече извор вклучен во претходните товарни пратки во Европа.
Испораките на венецуелска нафта, особено до рафинериите во Шпанија ѝ помогнаа на Европа да го намали купувањето на руска нафта по нападот врз Украина.
Условите на договорот, сепак, не ги обезбедија потребните готовина или гориво за венецуелскиот гигант, чии сопствени рафинерии се борат да произведуваат бензин и дизел по долгогодишно недоволно инвестирање и недостиг на резервни делови за поправки.
ПДВСА сака да добие гориво во замена за својата нафта, а тој дел од вредноста на товарот да се искористи за надоместување на долговите од милијарди долари на партнерите во заедничкото вложување кое ги вклучува „Шеврон“, „Ени“ и „Репсол“, рекоа соговорниците на Ројтерс.
Промената на договорот може да ѝ помогне на венецуелската компанија да го оживее својот екстра тежок нафтен бизнис во басенот Ориноко, на кој му требаат увезени разредувачи за да бидат квалитетни за извоз и да и овозможи на земјата да го намали својот дефицит на моторно гориво.
ПДВСА, „Ени“, „Репсол“ и американскиот Стејт департмент не одговорија веднаш на барањата на Ројтерс за коментар.