More

    Уставните промени, со кои Бугарите би влегле во македонскиот Устав, не можат да се случат ниту брзо ниту лесно

    spot_img

    Уставните промени, со кои Бугарите би влегле во македонскиот Устав, не можат да се случат ниту брзо ниту лесно, и покрај притисокот од соседна Софија и политичката волја на власта во Скопје тој процес да се забрза, станува јасно по последните изјави на високи официјални претставници на двете страни.

    Се наметнува впечатокот дека бугарската страна сака целиот процес да го забрза, македонската „да купи уште време“, а експерти велат дека освен политичката поддршка во Собранието, која е неизвесна, на македонската страна ќе ѝ биде проблем и самата правна форма во која би се спровеле уставни измени за кои немаме преседан. А згора на тоа, најголем проблем ќе биде јавното мислење, кое сè повеќе е против уставните измени, колку повеќе се влошуваат односи меѓу двете земји поради вербалните провокации и инцидентот со натепаниот охридски Бугарин.

     Зошто амандмани само од „летна школа“!?

    Премиерот Димитар Ковачевски, во интервју за „360 степени“, говорејќи за уставните измени рече дека амандманите прво мора да се напишат за потоа граѓаните да можат да се уверуват „за што се работи“, но тој процес, за прв пат, временски го лоцираше:

    – За тоа е потребно експерти да бидат ангажирани во текот на летниот период, експерти коишто ќе ги напишат амандманите во однос на вметнувањето на други граѓани кои што се самоопределуваат различно од оние кои што веќе се запишани во Уставот. Тоа се Хрватите, Црногорците, Бугарите, меѓутоа исто така интерес изразија, и тоа е добро според мене, и Евреите, Торбешите и Еѓипќаните, кои што се дел тука од нас. За мене најдобар е примерот со Хрватска, јас често разговарам со господин Пленковиќ, Хрватска има 24 народи коишто се вклучени во хрватскиот устав и тоа ги зголемува и богатството и силината на хрватското општеството – рече Ковачевски.

    Тој додаде дека со оглед на тоа дека верува во остварување на целта, работи на остварување на одредена цел.

    Спомнувањето на летото како период кога би се ангажирале експертите, изненади многу политички аналитичари. За нив тоа е знак дека има некои измени во планот на владата, за да се одложи процесот, во надеж дека ќе се смени атмосферата и ќе се подобри јавното мислење во двете земји.

    – Зошто да не можат експертите и во зимскиот период да ги напишат амандманите, за граѓаните да се уверат за што се работи, кога се знае дека е потребно во преамбулата само да се додадат и Бугарите – прашува поранешниот министер за финансии и активен политички коментатор Џавдет Хајредини.

    Инцидентите налагаат „итни“ уставни промени?

    Истовремено, уставните промени, и особено динамиката на нивното донесување, за првпат почна да ги спомнува и бугарскта страна. Според в.д. министерот за внатрешни работи Николај Милков, за Софија, како што се изрази, нема да биде доволна „деескалација на состојбата“, туку е потребно што поскоро да се донесат уставните измени, како гаранција дека Бугарите во Северна Македонија ќе бидат „заштитени“.

    – Ние сме спремни за деескалација во односите под одредени услови. Враќање на ситуацијата од пред десет дена не нѐ задоволува. Се стремиме кон таква деескалација која ќе донесе подобра заштита на правата на Бугарите. Очекуваме конкретни чекори, а најважниот конкретен чекор, се разбира, е внесувањето на Бугарите во Уставот – изјави техничкиот министер за надворешни работи Николај Милков во интервју за БТВ.

    Тој вели дека во спротивно состојбата на Бугарите во Македонија ќе се влошува уште повеќе, односно, како што рече, „ќе имаме бетонирање на репресијата“.

    – Лошото е што имаме дилема пред којашто се поставени многу луѓе во Македонија – ќе треба да бидат замолчени и да не се занимаваат со својата дејност како членови на бугарските клубови или да бидат прогонети и да дојдат да живеат во Бугарија. Тоа е сериозен проблем – вели Милков.

    Николовски: Експертите да не им работат на струја?

    Според Александар Николовски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, јасно е дека власта ги поместува тајминзите за уставните промени зашто е свесна дека нема јавна и политичка подршка.

    – Власта на СДСМ и ДУИ е свесна дека нема уставно мнозинство за промени на Уставот со цел вметнување на Бугарите. Не сум сигурен дека е свесна дека трајно ги наруши позициите на Македонија и на македонкиот народ, како никогаш досега. Новата лага од типот – „летни експерти, кои во зима не работат зашто е енергетска криза, е само уште еден обид да се добие некој месец власт и да се продолжи со криминалот и корупцијата – вели Николовски.

    Аналитичарот и поранешен амбасадор Ивица Боцевски смета дека суштината на проблемот е спецификата бугарските барања кон Македонија.

    – Јасно е дека не се работи за човековите права на граѓаните на Македонија со бугарско самосознание, туку за обид за бугаризација преку европеизација, согласно Декларацијата на Народното Собрание од 2019 година и Рамконвната позиција на Министерскиот совет.
    Ковачевски има само еден проблем, а тоа е јавното мислење. Граѓаните на Македонија одбиваат уставни измени додека не се расчисти дилемата дали Бугарија го признава посебниот македонски идентитет, посебниот македонски јазик и сувереното право на македонскиот народ самиот да си ја пишува својата историја и да го гради својот наратив.

    Според Бовски, најкус одговор до Ковачевски би биле дека во Македонија има и ,зимзелени’ експерти кои што преку целата година може да смислуваат, анализираат и пишуваат амандмани”.

    Димитров: Да се бара излез од оваа агонија

    Поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров смета дека времето треба да се искористи за да се изгради внатрешен политички консензус и да се бара „излез од оваа агонија“, како што вели.

     

    – Мислам дека проблемот со внесувањето на Бугарите во Преамбулата на Уставот е помалку во формулацијата, а повеќе во целиот контекст и негирањето на македонскиот идентитет од страна на официјална Софија, и немањето никакви гаранција дека тоа е последното барање. Напротив. Затоа, наместо упорно туркање, помудро ќе биде да се седне со опозицијата и сите општествени фактори, за да се бара излез од оваа агонија во која влеговме со амин на сопствената влада – вели Димитров.

    Мора и ние нешто да побараме

    Во критиката кон власта, тој дополни дека таа не се труди да добие некакви гаранции за тоа со што би завршиле бугарските условувања.

    – Нашата власт се однесува неодговорно кон својот народ, бидејќи не се потруди да добие некакви гаранции дека ние имаме некаква цел. Европа не ги испорача своите верувања и ние имаме одговорност спрема нашиот народ, дека имаме пакет што ќе има некаква смисла. Ние сега немаме таков пакет. Почнавме преговори, или не почнавме преговори? Комисијата на историчарите ќе биде услов или нема да биде услов? На пример, зошто да не ја разгледаме опцијата измените да стапат на сила тогаш кога ќе станеме членка? Или пак, тогаш кога Бугарија ќе ја прифати реалноста и нашето право да кажеме кои сме – Македонци кои зборуваат македонски јазик – вели Димитров.

    Уставниот амандман треба на нешто да „стои“?

    Правни експерти, блиски на власта, кои побараа да останат анонимни, велат дека покрај недоволната јавна и политичка поддршка, уставните имени нема да бидат лесна задача и од стручна, уставно-правна гледна точка.

    – Станува збор за сложена правна материја, и тука Ковачевски е во право. Правни одредби во принцип се пишуваат консеквентно и се повикуваат на некои извори на правото. Во случајов правните експерти треба убаво да ги проучат можните извори на правото кога станува збор за регулирање на статус на малцинство во Уставот, во случајов Бугарите, а тоа не е баш едноставно – вели правниот експерт со кого разговаравме.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img