More

    Уставните измени влегуваат во финале, но што ако биде нерешено?

    spot_img

    Имаме разработено многу добра стратегија, но одлучивме да не откриваме детали сѐ до почетокот на утрешната пленарна седница за промена на Уставот, коментираат извори од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои само ни посочија дека целта на ова нивно таинствено делување е директно да ѝ предочат на јавноста со какви луѓе на власт си има работа.

    Аналитичарите со коишто разговаравме велат дека на утрешната седница во Собранието може сѐ да се очекува, освен политички изненадувања во поглед на изгласувањето на уставните измени кое во моментов претставува невозможна мисија.

    Според експертите, јавноста ќе биде сведок на уште еден политички циркус кој ќе преовладува со свирежи, викотници, транспаренти, плакати, па и со разменување навреди помеѓу пратениците.

    Предвидувањата се дека собранискиот спикер нема да ја стави точката на гласање сѐ додека не биде обезбедено двотретинско мнозинство.

    Инаку, на утрешната седница во Собранието која треба да започне во 11 часот прво треба да биде изгласан дневниот ред со единствена точка – Предлог за пристапување кон измена на Уставот на Македонија. Потоа почнува претрес по предлогот кој може да трае најмногу 10 работни дена.

    Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја носи со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, односно со 80 гласови, бројка која засега е недостижна.

    Без изненадувања

    Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски не очекува изненадувања, но како што вели, не е тешко да се предвиди како ќе течат работите за време на утрешната пленарна седница.

    Дури и да стигне до гласање за 10 дена по отворањето на пленарната седница, рововските ставови ќе останат исти

    Благојче АтанасоскиПолитички аналитичар

    – Веројатно ќе се оди на „фолклорна“ стратегија со транспаренти кои ќе ги држат пратениците од опозицијата, со цел да ѝ дадат драматичност на пленарната седница со која ќе сакаат да ја претстават власта како предавничка, која работи спроти интересите на народот и на државата во целина. Лично не очекувам изненадувања, односно, не очекувам опозицијата да го промени ставот за 180 степени, а не очекувам ни да прифати да учествува во пакет изгласување на уставните измени за внес на Бугарите во Уставот, се разбира со одржување брзи предвремени парламентарни избори, без ДУИ во техничката власт. Од друга страна, владејачките пратеници ќе се пријавуваат од говорница да ги „убедуваат“ опозициските пратеници за последниот воз кој не смее да се пропушти кон интеграција во Европската Унија, дека „францускиот предлог“ е најдоброто решение и слични такви аргументи. Дури и да стигне до гласање за 10 дена по отворањето на пленарната седница, рововските ставови ќе останат исти – објаснува Атанасоски за Плусинфо.

    Тој посочува дека се очекува видоизменување на македонската политичка сцена, односно дека ќе се цртаат други траектории по кои ќе се движи државата.

    – Ниту изгласување на уставните измени, барем во овој временски период, ниту одржување есенски предвремени парламентарни избори. Но, едно е јасно, конјуктурата на македонската политичка сцена ќе се видоизмени, односно ќе се нацртаат други траектории по кои ќе се движи државата, но и правци кои ќе го обликуваат идниот развој на постизборните резултати по завршување на идните парламентарни избори, независно дали се редовни или предвремени. Прашање е дали власта по секоја цена ќе биде форсирана од меѓународната заедница да биде и понатаму власт или, пак, ќе се оди на „компромисно решение“, а тоа е влада на национално единство и спас, со прва точка изгласување на уставните измени, за да биде споделена одговорноста од сите и да се сопре со реториката на предавници и патриоти. Се разбира, сето тоа ќе биде под жесток притисок и патронат на меѓународната заедница, односно на Американците – изјави Атанасоски.

    Сличен став дели и аналитичарот Синиша Пекевски, кој, пак, токму поради упорното и насилното водење на кампањата за уставни измени не ѝ предвидува светла иднина на партијата СДСМ.

    – Владата на СДСМ и на ДУИ упорно ја турка уставната промена иако огромен процент, да не кажам 99% од македонскиот народ е против тие измени. Оваа агенда е дел од стратегијата да се покријат огромниот криминал и корупцијата коишто преовладуваат во Македонија, доверба од 0% во судството, коруптивноиот договор со „Енка и Бехтел“, корупцијата со модуларните болници. Значи, оваа агенда има цел да ги покрие сите овие работи. Со овие измени, власта сака да ја замајува јавноста и да се оттргне на вниманието од дебаклот на секое поле. Според мене, уставни измени нема да има, а упорното и насилното водење на оваа кампања ќе придонесе за распад на СДСМ на следните парламентарни избори – објаснува Пекевски.

    ВМРО-ДПМНЕ крои стратегија

    Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, бара распуштање на Собранието уште по првото гласање во Собранието, од кое, како што вели, ќе се види дека власта нема 81 пратеник за уставни измени.

    Тој посочи дека тоа е единствен логичен чекор и уверен е во тоа дека власта нема двотретинско мнозинство кое е потребно за вметнување на Бугарите во Уставот.

    НЕМА ДРУГ ЛОГИЧЕН ЧЕКОР ОСВЕН РАСПУШТАЊЕ НА ПАРЛАМЕНТОТ И ОДРЖУВАЊЕ НА ПРЕДВРЕМЕНИ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ

    Бојан СтојаноскиПратеник, ВМРО-ДПМНЕ

    – Кратко и јасно. Првиот момент кога ова ќе стане јасно и ќе пропаднат сите лаги на мнозинството, нема да има друг логичен чекор освен распуштање на Парламентот и одржување на предвремени парламентарни избори – изјави Стојаноски.

    Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, пак, смета дека токму утрешната пленарна седница ќе претставува добра можност за да се увери целокупната македонска јавност дека власта цела една година лаже, манипулира и сее магла околу уставните измени.

    – Власта е разголена и нема друг адут освен лагите и манипулациите. Ова се случува секогаш кога народот ќе се потцени, и кога личните интереси ќе ги стават пред тие на државата. Тие цела година купуваа време и сега стануваат жртва на сопствените лаги. Дозволија државата да ја стават во подредена позиција и да ја донесат во слепа улица. Уште еднаш повторувам дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ останува на континуираниот став дека измени на Уставот во ваков формат под бугарски диктат не се можни и нема да поддржиме – истакна Мицевски.

    Тој додаде дека опозициските пратеници утре ќе присуствуваат на седницата и аргументирано ќе објаснат зошто се против уставните измени.

    – Штом започне пленарната седница, јавноста веднаш ќе има можност да ја види стратегијата и целиот настап на ВМРО-ДПМНЕ – порача Мицевски.

    Големи се шансите за одложување

    Двајцата пратеници од политичката партија Левица ќе бидат присутни на утрешната пленарна седница во Собранието, но нема да гласаат и нема да земат збор на собраниската говорница, ни изјави Јована Мојсоска, член на Президиумот на партијата.

    – Најпрво ќе треба да се изгласа дневниот ред, а нашите пратеници нема да гласаат ни за оваа работа. Тоа што го знам е дека 99 проценти е голема шансата да се пролонгира утрешната седница, па најверојатно власта ќе тргне во акција да одработи некое ново „преспанско сценарио“ и да најде начин како да обезбеди двотретинско мнозинство во следните неколку месеци. Во поглед на утрешната седница, очекувано е да се отвори расправа, пратениците да земат збор, но точката нема да се стави на гласање. Најважно е јавноста да сфати дека собранискиот спикер Талат Џафери нема да ја стави точката на гласање сѐ додека не се обезбеди двотретинско мнозинство. Штом биде обезбедено двотретинско мнозинство, Џафери уште во истиот момент ќе ја стави точката на гласање – изјави Мојсоска за Плусинфо.

    Најважно е јавноста да сфати дека собранискиот спикер Талат Џафери нема да ја стави точката на гласање сѐ додека не се обезбеди двотретинско мнозинство

    Јована МојсоскаЛевица

    Таа потенцира дека дискусијата е ограничена на 10 дена.

    – Ако утре се исцрпи пријавување за дискусијата, може уште веднаш Џафери да ја одложи седницата за гласање. Инаку, не постои ограничување кога би се ставил предлогот на гласање, бидејќи тоа зависи само од волјата на собранискиот спикер – истакна Мојсоска.

    Владеачкиот СДСМ, пак, очекува сите пратеници во Собранието, вклучително и опозициските, да покажат одговорност, да се приклучат на проевропскиот блок, и да дадат поддршка за уставните измени, изјави пратеничката Фаница Николоска.

    – Очекувам сите 120 пратеници да се стават на висината на задачата, да ја сфатат одговорноста којашто сите ја имаме пред граѓаните. Ова на Мицкоски му е последната можност да се приклучи кон проевропскиот блок. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ја имаат можеби последната шанса да покажат чувство на одговорност пред граѓаните, затоа што наша обврска како политичари е да им обезбедиме сигурна иднина на граѓаните. Како што нашите предци овозможиле услови да живееме во слободна, самостојна и суверена држава, така и опозицијата да се приклучи и заеднички да создадеме просперитетна Македонија во која идните генерации ќе ја планираат иднината дома – порача Николоска.

    Ковачевски: 80 пратеници им се потребни на граѓаните, а не на Владата

    Премиерот Димитар Ковачевски вели дека на Владата не ѝ се потребни 80 пратеници за да опстои, туку тие гласови им се потреби на граѓаните за подобар живот.

    – На Владата ѝ треба 61 пратеник за да може да работи до следна влада. Двотретинско мнозинство е императив за секој граѓанин во државата. Кога ќе кажеме 80 пратеници, тие не се потребни за Владата туку за граѓаните на оваа држава. Клучните теми како животниот стандард, социјалната заштита, владеењето на демократијата се трите елементи во кои Европската Унија е на ниво на САД. Ние како држава се стремиме да ги исполниме тие стандарди – изјави Ковачевски.

    Премиерот го запраша раководството на ВМРО-ДПМНЕ зошто е против гласање за уставните измени.

    – Кое е објаснувањето на ВМРО-ДПМНЕ? Тоа е најново бугарски диктат, а од ЕУ велат дека тоа е нивен предлог. САД исто така кажуваат дека е предлог на ЕУ. Едно време кажуваа дека ќе ја менуваат преговарачката рамка, но веќе не го кажуваат тоа бидејќи и од САД и од ЕУ рекоа дека рамката е најдоброто компромисно решение меѓу земјите-членки и нашата држава – рече Ковачевски.

    На албанските опозициски партии им се брза

    Лидерите на албанските опозициски партии во земјава денеска испратија порака до пратениците во Собранието и ги охрабруваат да гласаат „за“ уставните измени.

    Но, како што додаваат, доколку се покаже дека овој парламентарен состав нема капацитет да ги деблокира преговорите за ЕУ интеграција, тогаш предлагаат распуштање на Собранието и распишување предвремени парламентарни избори.

    „Денеска сме тука како лидери и претставниците на нашите партии – АлтернАтивА, Движење Беса и Демократско движење – да упатиме една мошне важна порака во пресрет на предлогот за потребата од отворање на Уставот. Како што многупати сме изјавиле, за нас нема дилема дека европската интеграција е највисоката политичка, партиска и национална визија, од која не само што нема алтернатива, туку ваквата заложба го подразбира и секој наш чекор на политичкото дејствување и соработката со другите. Најпрво, бараме од претседателот на Собранието итно да ја стави на гласање потребата од промена на Уставот, со цел да ја поминеме што побргу првата фаза на уставните измени и да влеземе во суштинскиот процес на тие измени. Освен тоа, го повикуваме да не се крие зад неоснованите оправдувања, туку да ги стави амандманите за измена на навредливото именување ‘20%’ за албанскиот јазик, како и амандманот против застареност на случаите на политичка корупција. Меѓуетничката кохезија и борбата против корупцијата се европски вредности и принципи, исто како и обврската за добрососедските односи, ако не и повеќе. Кога сме овде, ги повикуваме сите пратеници, без разлика на нивната политичка, етничка и идеолошка припадност, итно, без дискусија и без никакво одлагање, да гласаат за потребата од промена на Уставот и предложените амандмани. На овој начин, сите ние докажуваме на која страна сме и која е нашата стратешка определба“, наведено е во соопштението.

    Оттаму додаваат дека доколку на краток рок не се обезбеди потребното мнозинство за гласање на првата фаза од уставните измени, ќе биде јасно дека овој парламентарен состав нема капацитет да ги деблокира преговорите за ЕУ интеграција.

    „Ако ова се покаже како точно, не треба да губиме ни час повеќе. Во тој случај, односно доколку нема доволно мнозинство да се гласа првата фаза од уставните измени, повикуваме да се гласа за распуштање на Парламентот и распишување на предвремените избори, за да се бара друг парламентарен состав кој ќе има капацитет и политичка волја за протуркање на интегративните процеси кон Европската Унија. Ние сме тука да го поддржиме процесот и да водиме битка со сите оние кои го попречуваат овој пат, било со одлагање, како што тоа го прави власта, било со одбивање, како што го прават некои опозициски партии“, се вели во соопштението потпишано од Билал Касами, Африм Гаши и од Изет Меџити.

    Каква е процедурата?

    Десеттиот ден завршува дебатата без оглед дали останале уште говорници или не

    Талат ЏафериПретседател на Собрание

    Согласно Деловникот за работа на Собранието, расправата ќе трае најмногу 10 работни дена и доколку е така треба да заврши најдоцна на 31 август.

    Пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.

    Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја носи со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници односно со 80 гласови.

    Претседателот на Собранието Талат Џафери изјави дека по завршување на претресот гласањето за потребата за уставни измени може да биде одложено, а ако нема услови воопшто и да не се случи.

    – Седницата ќе се отвори и ќе се усвои дневниот ред како што е постапката, затоа е потребно присуството од 61 пратеник, а за гласање минимум една третина од вкупниот број. Тоа е општ принцип и секако се отвора дискусија, дебата, се повикува според процедурата да се отвори дебата. Што ќе биде, како ќе биде, не можам да кажам сега оти не можам да предвидам. Но, обврска ми е да имам испланирано 10 работни дена да може да работи Собранието доколку има пријавено за збор за толку, значи максимумот за да трае дебатата е 10 дена. Десеттиот ден завршува дебатата без оглед дали останале уште говорници или не – појаснува Џафери.

    Тој рече и дека доколку нема двотретинско мнозинство, гласањето може да биде одложено, но и дека тоа може и да не се случи, со што постапката за уставни измени завршува.

    – Во секој случај, отворена е можноста и постои таква пракса и гледате, еве скоро цел мандат одложено гласање поради калкулација на пратениците со кворумот – додава Џафери.

    Џафери не одговори директно до кога може да се одложува гласањето во првата фаза, односно за утврдување на потребата за носење на уставните измени, за да се стаса до ноември или до крајот на годината со уставните измени за да може да се отвори патот за одржување на втората меѓувладина конференција.

    Османи им пиша на пратениците: Ќе стане јасно дека во земјава живее и бугарски народ кој е различен

    Утре вие ќе одлучувате за европската иднина на Северна Македонија, определба за која работиме и работеа сите влади во изминатите 30 години, напиша министерот за надворешни работи Бујар Османи во писмото испратено до сите пратеници во македонскиот Парламент.

    „Од Вас ќе зависи дали со прифаќање на промената на Уставот ќе ги продолжиме разговорите по поглавјата за членство во Унијата или ќе запреме во преговорите на подолг рок, до некоја нова шанса, без никаква гаранција за успех, поттикнувајќи го процесот на ‘пасошизација’ на граѓаните кои бараат европска иднина за себе. Верувам и знам дека секој од вас сака да бидеме членка на Унијата составена од најдемократски и најбогати земји во светот која гарантира мир, демократски развој и економски просперитет. Во процесот на преговорите имавме за цел да го зачуваме и да ги зајакнеме македонскиот јазик и македонскиот национален идентитет. Одговорно тврдам дека во тоа успеавме. Македонскиот јазик за прв пат беше прифатен и гласан во Советот на ЕУ помеѓу земјите членки и е недвосмислено дел од европските јазици. Овој факт не може никој да го побие. Јас ги разбирам сите оние што стравуваат од можностите за натамошни обиди за негирање и наметнување нови билатерални услови. Најодговорно тврдам дека историските и идентитетските прашања не се дел од патоказите и одредниците од кои зависи отворањето и затворањето на поглавјата. Со оваа промена на Уставот, ние само ќе ја зајакнеме нашата меѓународна положба и ќе ја зголемиме меѓународната поддршка за нашите цели. Низ преговорите, шансите да продолжиме да ја промовираме и унапредуваме македонската национална посебност, историја и култура ќе бидат значително подобри и зајакнати“, напиша министерот.

    Секој човек и политичар би бил среќен да биде запаметен од историјата дека постапил правилно кога било најважно, порача Османи.

    „Да остане запаметен дека бил на вистинската страна, дека не се колебал во одлуката со која помогнал земјата да оди напред, а луѓето во неа да живеат подобро. Јас лично не се сомневам дека со оваа промена на Уставот ќе направиме било каква грешка, напротив ќе отвориме ново поглавје на развој и стабилност за нашите граѓани. Како што веќе многупати повторував во сите мои јавни настапи, оваа промена не менува ништо во положбата на Бугарите во земјава и во однос на правата што до сега ги имаа и им ги гарантираше Уставот. Оваа промена ни дава можност на Република Бугарија и на светот да им докажеме дека тие не се дискриминирани, бидејќи реално тоа е така. Ова е можност да ги одземеме сите аргументи, а потоа да се втурнеме брзо кон реформските процеси кои се најважни за нашите граѓани и во наш најдобар интерес. Со промената на Уставот, ќе стане јасно дека покрај македонскиот народ во земјава живее и дел од бугарскиот народ, кој е различен. И конечно, одговорно кажувам дека ова не го правиме под диктат на Бугарија, ниту заради уцена од нејзина страна. Ова е компромис во преговорите откако нивниот меморандум до ЕУ за непризнавање на македонскиот јазик и нација не доби поддршка од земјите членки. Компромис со кој го заштитивме македонскиот јазик и идентитет“, истакна Османи.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img