More

    Уставниот суд постапува по 13 предмети за измените на Законот за облигациони односи и Законот за извршување

    spot_img

    Во Уставниот суд се формирани 13 нови предмети по поднесени иницијативи во кој се оспорени законските измени на Законот за облигациони односи и  иницијативи за измените на Законот за извршување од 20 јули 2023 година. Во дел од иницијативите се оспорени и двата закони.

    У.бр. 114/2023

    Оспорен: Член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/23).

    Подносител: Адвокат Владо Костовски

    Од наводите во иницијативата:

    Се наведува дека исклучокот за ретроактивна важност во овој случај нема поповолно дејство за сите граѓани, туку само за должниците како привилигирана категорија.

    У.бр.115/2023

    Оспорен: Член 2 став 3 и член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/23).

    Подносител на иницијативата: Адвокат Вангел Баракоски

    Од наводите во иницијативата:

    Подносителот наведува дека со примената на овие одредби постои реална опасност од настанување на огромни материјални и нематеријални штети кај одредени поединци или групи на граѓани кои дополнително можат да допринесат и за правна несигурност, а особено во извршните постапки. Во однос на ретроактивното дејство е наведено дека е поволно само за граѓаните кои должат, а е на штета на доверителите.

     У.бр.117/2023

    Оспорен: Член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/23).

    Подносител:  Адвокат Никола Источки

    Од наводите во иницијативата:

    Подносителот на иницијативата наведува дека со ваква одредба странките во извршната постапка се ставаат во нееднаква положба на начин што, должниците се во привилигирана положба наспроти доверителите на кои паѓа сиот товар од трошоците при запирање на постапките за извршување.

    У.бр.118/23

    Oспорен: Член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигациони односи и член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување.

    Подносител: Петар Баришиќ, граѓанин

    Од наводите во иницијативата:

    Подносителот смета дека оспорените одредби задираат во стекнување на сопственоста и во досудената и стекнатата сопственост во извршната постапка.

    У.бр.123/2023

    Оспорен: Законот за изменување и дополнување на Законот за облигациони односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/23).

    Подносител: Адвокатска комора на Република Северна Македонија

    Од наводите во иницијативата:

    Во иницијативата се наведува дека принципите на современата демократија и хиерархијата на правните акти во системот на државното уредување не е запазен со донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи во целина. Подносителот наведува дека со оспорениот Закон се нарушуваат темелните вредности кои ги штити Уставот, како резултат на ставање во нееднаква  и нерамноправна положба едни лица, на сметка на други кои се привилигирани иако не ги почитувале своите законски обврски.

    У.бр.126/2023

    Оспорен: Член 2 став 3, чл.4 и 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/23).

    Подносител: Комора на извршители на Република Северна Македонија

    Од наводите во иницијативата:

    Подносителот смета дека оспорените одредби се спротивни на темелните вредности на Уставот, бидејќи се промовира дискриминација како резуллатат што една категорија граѓани (должници) ги става во повластена положба наспроти доверителите. Се наведува дека вакви законски одредби не постојат ниту во една друга држава. Спорно според подносителот на оваа иницијатива е што Законот опфаќа неопределен број на лица.

    У.бр.127/2023

    Оспорен: Законот за изменување и дополнување на Законот за облигациони односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/23).

    Подносител: ЕВН Mакедонија, Акционерско друштво за услуги- Скопје, ЕВН ХОМЕ ДОО Скопје, Друштво за обезбедување на универзална услуга за снабдување со електрична енергија, ЕЛЕКТРОДИСТРИБУЦИЈА ДООЕЛ Скопје, Друштво за дистрибуција на електрична енергија, ЕВН Македонија Електроснабдување ДООЕЛ Скопје

    Од наводите во иницијативата:

    Подносителите во иницијативата ја објаснува смислата и значењето на казнената камата која се пресметува за парични обврски како санкција за неуредните должници, своевиден материјален надоместок за имотна штета која ја трпи доверителот подари доцнењето на должникот. Подносителите наведуваат дека како универзален снабдувач на електрична енергија кој има голем број на клиенти и се во улога на доверители се ставени во крајно обесправена и дискриминирана положба, бидејќи трпат повеќекратна штета.

    У.бр.129/2023

    Оспорен: Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување

    Подносители на иницијативата: ЕВН Mакедонија, Акционерско друштво за услуги- Скопје, ЕВН ХОМЕ ДОО Скопје, Друштво за обезбедување на универзална услуга за снабдување со електрична енергија, ЕЛЕКТРОДИСТРИБУЦИЈА ДООЕЛ Скопје, Друштво за дистрибуција на електрична енергија, ЕВН Македонија Електроснабдување ДООЕЛ Скопје

    Од наводите во иницијативата:

    Подносителите наведуваат дека со оспорената одредба казнената камата ја губи својата смисла и ќе предизвика негативни финансиски ефекти на економијата во целина.

    У.бр. 130/2023

    Оспорен: Член 1, 2 став 3, члeн 3 и 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи и член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување.

    Подносител: Ѓорѓи Андов, граѓанин

    Од наводите во иницијативата:

    Се наведува дека овие оспорени членови им овозможуваат на должниците кои иако не ги извршувале своите обврски да бидат наградени, иако државата им ги простува долговите но не на товар на Буџетот, туку на товар на доверителите.

    У.бр.132/2023

    Оспорен: Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/23).

    Подносител: ЕВН Mакедонија, Акционерско друштво за услуги- Скопје, ЕВН ХОМЕ ДОО Скопје, Друштво за обезбедување на универзална услуга за снабдување со електрична енергија, ЕЛЕКТРОДИСТРИБУЦИЈА ДООЕЛ Скопје, Друштво за дистрибуција на електрична енергија, ЕВН Македонија Електроснабдување ДООЕЛ Скопје, Друштво за комуникациски услуги А1 МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје, Македонски Телеком АД Скопје, Стопанска Комора на Северна Македонија

    Од наводите во иницијативата:

    Според подносителите спорно е што износот на достасаната, а неисплатена казнена камата ќе престане да тече кога ќе го достигне износот на главниот долг бидејќи со така поставени одредби казнената камата ја губи својата основна функција и ќе предизвика негативни финансиски ефекти за економијата во целина. Наведуваат дека казнената камата претставува своевиден материјален надоместок за имотната штета која ја трпи доверителот поради доцнење и неуредност на должникот. Сметаат дека со овие законски измени во дискриминирана положба се ставени должниците кои навреме и уредно ги плаќале своите долгови.

    У.бр.133/2023

    Оспорен: Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/23).

    Подносител: ЕВН Mакедонија, Акционерско друштво за услуги- Скопје, ЕВН ХОМЕ ДОО Скопје, Друштво за обезбедување на универзална услуга за снабдување со електрична енергија, ЕЛЕКТРОДИСТРИБУЦИЈА ДООЕЛ Скопје, Друштво за дистрибуција на електрична енергија, ЕВН Македонија Електроснабдување ДООЕЛ Скопје, Друштво за комуникациски услуги А1 МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје

    Од наводите во иницијативата:

    Подносителите наведуваат дека овие оспорени одредби ќе ги охрабрат несовесните должници да не ги подмируваат навремено своите долгови, односно намерно да запаѓаат во задоцнување знаејќи дека казнената камата е ограничена. Поради наведеното во иницијативата се тврди дека неплаќањето на легитимно утврдени долгови поттикнува негативни ефекти врз ликвидноста на доверителите.

    У.бр. 134/2023

    Оспорен: Член 1, 2 и 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигациони односи („Службeн весник на Рeпублика Сeверна Македонија“ бр.154/23).

    Подносител на иницијативата: Адвокат Станковиќ Ј.Синиша

    Од наводите во иницијативата:

    Според наводите во иницијативата граѓанинот кој има својство на доверител е помалку еднаков во однос на граѓанинот кој има својство на должник. Подносителот наведува дека со оспорената одредба Законодавецот казнува една група на граѓани, а наградува друга група граѓани, во случајот должниците.

    У.бр. 141/2023

    Оспорен: Член 2 став 3 од изменетиот член 368 од Законот за облигациони односи и член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Рeпублика Северна Македонија“ бр.154/23).

    Подносител на иницијативата: Македонска Банкарска Асоцијација

    Од наводите во иницијативата:

    Во иницијативата се наведуваат примери од праксата на Европскиот суд за човекови права кога органите го повредиле принципот на правна сигурност во ситуација кога во нивниот правен поредок опстојувала норма слична како оспорената. Се наведува дека со оспорената норма Законодавецот ефективно на судската пресуда и го одзема правното дејство и можноста на доверителот да го заштити побарувањето, односно правото на сопственост. Според подносителот ефектите од оспорената одредба не се само повреда на владеењето на правото и правната заштита на сопственоста, туку и повреда на поделбата на власта на законодавна, извршна и судска.

    Сите овие предмети се предадени на работа кај тимови од советници и судии и се во почетна фаза од работењето, односно во претходна постапка. Уставниот суд допрва ќе ги испитува наводите во иницијативите и барањата и ќе оформи реферати кои ќе содржат предлози за гласање на седница.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img