По јубилената, 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) на којашто учествуваа најголем број странски македонисти последниве неколку години, со низа нови научни согледби и заклучоци произлезени од дискусиите, денес заврши и 49. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ, на којашто учествуваа голем број научници – македонисти, балканисти и слависти.
Меѓу другото, особено значајно е што покрај истакнатите и веќе потврдени научници, автори на клучни македонистички публикации, на Конференцијата учествуваа и млади кадри – посветеници на науката, покажувајќи подготвеност за себевложување во нови перпективи за македонистичката научна мисла. Имајќи го предвид и големиот број нови кадри од странските универзитети коишто учествуваа на Летната школа, којашто традиционално ѝ претходеше на Конференцијата, веќе се согледува дека преку активностите на МСМЈЛК при УКИМ се создава ново поглавје за развојот на македонистиката и за нејзината афирмација во меѓународни рамки.
На 49. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ, за првпат по подолг период се изнесоа нови научни согледби за творештвото на Васил Иљоски, како со истражувања со примена на нови книжевни теории или теории коишто досега не биле применувани во анализирањето на опусот на овој клучен автор за историјата на македонската драма, така и преку анализирање и на непознати делови од неговиот опус и повторна насоченост на книжевната наука кон книжевните и историските архиви. Притоа, анализирајќи ги импулсите од творештвото на Иљоски врз натамошните развојни етапи на македонската драма, на Конференцијата се дојде до нови заклучоци коишто фрлаат нова светлина и воопшто врз некои специфики на современата македонска книжевност.
Едновремено, на Конференцијата на МСМЈЛК при УКИМ, за првпат по заокружувањето на неговиот опус, низ научна диоптрија, одново се исчита голем дел и од творештвото на Горан Стефановски, при што не само што се дојде до нови научни согледби за неговото драмско творештво, туку внимание беше посветено и на неговите есеи. Преку одделните истражувања, влогот на Стефановски се анализираше и од културолошка перспектива, којашто овозможи нови заклучоци. Преку одделни истражувања, од Конференцијата се даде влог и за нови согледби за македонската книжевна историја, со ново исчитување на драмските текстови на Стефановски, но едновремено се согледаа и тези за натамошна научна дискусија.
Во рамките на лингвистичката секција, по подолг период се отворија и низа прашања за јазикот на драмските текстови.
Исто толку значајно е што на лингвистичката секција на Конференцијата се отворија и прашања поттикнати од „Граматиката на македонскиот литературен јазик“ од Блаже Конески, со што се потврди дека и по минатогодишните научни собири посветени на делото на Конески во чест на стогодишнината од неговото раѓање, македонската наука има голем простор за нови научни потфати поттикнати од влогот на Конески. Впрочем, потврда за тоа е што во рамките на сесиите се покажа дека дел од тие прашања се предизвик и за странските истражувачи, имајќи го предвид учеството и на странски лингвисти коишто ги презентираа своите истражувања.
Со истражувањата поттикнати од Конференцијата на МСМЈЛК при УКИМ, суштински, а не само формално се оствари достојно одбележување на значајните јубилеи – 120 години од раѓањето на Иљоски и 70 години од раѓањето на Стефановски, како и 70 години од објавувањето на Граматиката на Конески. Особено значајно е што традиционално, од Конференцијата се објавува зборник на трудови. Зборникот од годинешното конференциско издание се очекува да биде важна референца за натамошните осврнувања за опусите на Иљоски и Стефановски и Граматиката на Конески, но и конкретен поттик за нови истражувања од македонската наука, вклучително и за теми на коишто подолг период не им беше посветено внимание, а се важни за македонистиката. Преку Конференцијата на МСМЈЛК при УКИМ, тие не само што се реактуализираа и повторно се ставија во фокусот на научниот интерес, туку се согледаа и нови, неприменети научни пристапи коишто доведуваат до нови значајни заклучоци.
Во исто време, преку традиционалните теми на Конференцијата, за македонскиот јазик наспрема другите јазици и македонската литература и култура наспрема другите литератури и култури, во текот на вториот конференциски ден, одново се даде придонес и за нови научни согледби коишто овозможуваат зголемување на научната диоптрија низ којашто се согледуваат и коментираат спецификите и посебноста на македонскиот јазичен, литературен и севкупно културен идентитет.
Со успешното завршување на 55. Летна школа и 49. Меѓународна научна конференција, не запираат активностите на МСМЈЛК при УКИМ планирани за оваа календарска година. МСМЈЛК при УКИМ продолжува со интензивно остварување на својата мисија, како преку редовните активности, така и преку отворање лекторат по македонски јазик во Анкара во текот на претстојната академска година и активности за отворање лекторат по македонски јазик во Пекинг. Во исто време, веќе ќе се овозможи поголема достапност на новите изданија на учебниците по македонски јазик, литература и култура за странци на странските универзитети, а интензивно ќе се работи и на нови содржини во рамките на наставата на лекторатите по македонски јазик, при што одделно внимание ќе биде посветено и на македонската култура и во оваа насока, МСМЈЛК при УКИМ веќе воспоставува соработка со повеќе институции.