Унгарскиот парламент денеска го одобри членството на Шведска во НАТО, ставајќи крај на неизвесноста и на повеќемесечните дипломатски расправии.
Денешното гласање уследи по петочниот состанок помеѓу премиерите на двете земји Виктор Орбан и Улф Кристерсон, на кој се договорија да ги стават своите несогласувања настрана.
Унгарија и Шведска објавија и нов воен договор, при што Будимпешта ќе добие уште четири шведски борбени авиони „грипен“, покрај претходно купените 14.
Откако Турција ја даде својата согласност минатиот месец, Унгарија остана последната членка на НАТО која требаше да ја ратификува апликацијата на Шведска. Одлуката сега треба да ја потпише и привремениот унгарски претседател Ласло Ковер, по што ќе биде известен Вашингтон.
Шведска го поднесе своето барање во мај 2022 заедно со Финска, откажувајќи се од повеќевековната воена неутралност во екот на руската инвазија на Украина.