Украинците синоќа ја избраа својата песна која ќе ги претставува на Евровизија во Торино, Италија.
Песната „Тіні забутих предків“ односно „Сенки на заборавените предци“ на пејачката Алина Паш е прогласена за најдобра, а веднаш по објавата на победникот, обложувалниците започнаа да „дивеат“. Еден час по објавата, Украина се искачи на петтото место како фаворит во обложувалниците, а вчера околу полноќ веќе стаса до второто место и засега е еден од фаворитите за победа.
Украинската пејачка во етно облека со песната со традиционален призвук ја воодушеви и Украина и остатокот од Европа, а Јутјуб од синоќа е преплавен со реакции од евровизиските фанови кои ги трогна изведбата на Украинката Алина.
„Ова е нешто сосема поинакво. Толку моќно, мрачно, но сепак, модерно“, зборуваат луѓето, кои коментирале и дека заплакале поради песната…
„Се наежив. Гласот ѝ е неверојатен, има толку страст и емоции во оваа песна. Ова морам да го преведам на англиски јазик. Нешто се случи во мене. Ако ова звучи добро во живо, ќе направи големи работи“, вели Eurovoxx кој со години ја следи Евровизија.
Алина Паш е украинска пејачка, текстописец и актерка, чија музика спојува елементи од ар-ен-би и хип-хоп, испреплетувајќи ги со аспекти на традиционалните карпатски звуци.
ФОТО: Јутјуб