Имаме сериозни шанси да направиме пробив во текот на летото, изјави украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников во интервју за францускиот дневен весник „Вест-Франс“.
– Сакаме да ја скршиме волјата на Русите за победа во војната, рече Резников, нагласувајќи дека целта на контраофанзивата е Украина да ги врати своите територии „во меѓународно признаените граници од 1991 година, вклучувајќи го и Крим“.
Контраофанзива од големи размери „ќе доведе до ново повлекување на Русите од нашите територии“, прогнозира украинскиот министер.
– Руската приватна воена компанија „Вагнер“ користеше затвореници и за време на осуммесечната опсада на Бахмут беа убиени и ранети 60.000 луѓе – изјави Резников за францускиот весник, без да прецизира дали станува збор за вкупните загуби на двата табора или не.
Во интервјуто, украинскиот министер за одбрана нагласува и дека на Украина итно и треба оружје од нејзините западни сојузници.
Резников изрази и надеж дека „до крајот на годината“ Киев ќе добие борбени авиони Ф-16 од американско производство, со чија помош украинските сили ќе можат да се спротивстават на руската авијација.