Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, изјави дека неделава во гранатирање од страна на украинската војска е уништена надворешната станица за мониторинг на радијацијата поради избивање на пожар, на 16 километри од нуклеарната централа „Запорожје“.
Гроси истакна дека ова дополнително ја намалува ефективноста на способноста за откривање и за мерење на секое радиоактивно ослободување за време на вонредни ситуации, наведе МААЕ на својата веб-страница.
Забележано е дека од почетокот на 2022 година, неколку станици за следење на радијацијата во 30-километарската зона околу нуклеарната централа Запорожје биле надвор од функција во различни периоди поради оштетување од гранатирање.
Во моментов работат четири од 14 станици.
Гроси претходно изјави дека сите 7 принципи, таканаречените столбови на нуклеарната безбедност, биле делумно или целосно прекршени во нуклеарната централа Запорожје.