Израелската војска рано изутринава соопшти дека во воздушен напад во јужниот дел на Појасот Газа е убиен командантот на ракетната дивизија на палестинската група Исламски џихад, Али Гали.
Според извештајот, Гали се криел во стан во градот Кан Јунис, кога тој и уште двајца борци биле убиени во израелски воздушен напад. Израелската војска тврди дека Гали ги режирал и учествувал во ракетните напади против Израел во последните месеци. „Исламски џихад“ не ја коментираше информацијата.
Во телевизиско обраќање, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа рече дека Израел и нанел тежок удар на групата. Тој, сепак, предупреди дека „кампањата не е завршена“ и рече дека Израел ќе одлучи кога ќе се врати мирот.
Ова се најлошите судири меѓу Израел и Палестинците во последните неколку месеци. Според израелските власти, до синоќа повеќе од 400 ракети биле истрелани од Газа кон Израел, а повеќето биле соборени од воздушната одбрана. Според израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, околу една четвртина од нив не стигнале до Израел и паднале во Појасот Газа.
Израел соопшти дека нивните напади биле насочени кон инфраструктурата на Исламскиот џихад во Појасот Газа, но соопштено е дека предизвикале смрт на најмалку 10 цивили – повеќето деца и жени.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ги повика сите страни на максимална воздржаност и ги осуди цивилните жртви предизвикани од израелските напади и неселективното ракетирање од Газа.
Доцна синоќа, египетскиот ТВ канал Extra News, кој има блиски врски со египетските безбедносни сили, јави дека Каиро посредува за примирје. Претставници на израелските власти, кои побарале да останат неименувани, потврдија дека Египет се обидува да ја игра улогата на посредник во преговорите за прекин на огнот. Тие рекоа дека Израел ќе ја процени ситуацијата врз основа на акции, а не на декларации.
Од своја страна, палестинското движење Исламски џихад, најави дека ќе продолжи со ракетирањето.