Две лица загинаа синоќа во напад на израелско беспилотно летало во јужен Либан. Како што потврди извор близок до проиранското шиитско движење, меѓу нив е и теренскиот командант на Хезболах. Информацијата денеска ја потврди и израелската армија.
„Во напад на непријателски дрон насочен кон автомобил (…), две лица загинаа“, објавија либанските државни медиуми. Извор близок до Хезболах потврди за француската новинска агенција АФП дека теренскиот командант на движењето е убиен во нападот, но не го откри името.
Израелската армија соопшти дека е убиен командантот на Хезболах одговорен за планирање и извршување на бројни терористички напади врз израелски цивили и израелска територија, пренесува германската новинска агенција dpa.
По нападот врз Израел од страна на палестинското исламистичко движење Хамас на 7 октомври, ситуацијата на израелско-либанската граница значително се влоши. Гранатирање, ракетирање и напади со беспилотни летала редовно се случуваат меѓу израелските сили и Хезболах.
Во Либан досега се убиени најмалку 413 лица, главно борци на Хезболах, како и 79 цивили. Израелски извори велат дека 14 војници и 10 цивили се убиени на нивната страна од границата од октомври, според АФП.
За тоа време, израелските сили во Либан убија неколку високи членови и локални команданти на Хезболах, како и на Хамас, меѓу кои и заменик-лидерот на Хамас Салех ал-Арури и високиот командант на Хезболах Висам ал-Тавил.