Турскиот парламент синоќа гласаше за прием на Финска во НАТО, по десет месеци неизвесност.
Турција е последната членка на Алијансата која даде „зелено светло“ за членството на Финска, кое претходно беше одобрено од останатите 29 земји.
Во турскиот парламент гласаа 276 пратеници, ниту еден не беше против.
Сепак, Турција продолжува да ја блокира понудата на Шведска, поднесена минатата година во исто време со Финска.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на 17 март објави дека го укинува ветото на кандидатурата на Финска кога го прими претседателот на земјата Саули Нинисто. Турскиот парламентарен комитет за надворешни работи ја одобри понудата минатата недела.
Сега останува Финска да ги достави ратификационите документи до Вашингтон каде се чува договорот на Алијансата.
Унгарскиот парламент, исто така, го одобри приемот на Финска во НАТО во понеделникот, но исто така продолжува да го блокира приемот на Шведска. Претходно, другите 28 земји го ратификуваа приемот на двете нордиски земји.
Финска и Шведска поднеле барање за влез во НАТО минатата година по почетокот на руската инвазија на Украина, а нивниот прием бара едногласна согласност од сите 30 земји-членки.
Ердоган продолжува да го блокира приемот на Шведска, сметајќи дека таа дејствува пасивно кон, како што ги нарекува, курдските терористи кои се прифатени од Шведска и бара нивна екстрадиција, за што шведската влада го нема последниот збор.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг синоќа ја поздрави ратификацијата на кандидатурата на Финска од страна на Турција, велејќи дека „семејството на НАТО ќе стане посилно и посигурно“.
Финскиот претседател им се заблагодари на сите членки на НАТО за нивната „поддршка“ за прием на земјата, по одобрувањето од Турција синоќа.
„Сакам да им се заблагодарам на сите за довербата и поддршката“, се вели во изјавата на шефот на државата на таа нордиска земја Саули Нинисто и изразува надеж дека и Шведска ќе биде примена во Алијансата „што е можно поскоро“.
Стокхолм се уште се надева дека ќе добие одобрение за прием во Алијансата пред следниот самит на НАТО во јули во Вилнус, Литванија.