Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, објави во саботата дека поднесол оставка на сите функции од својата партија – Движењето Европа сега (ПЕС). Тој беше заменик претседател наа партијата, а по оставката ПЕС го обвини дека тој ја опструира работата на црногорската влада.
Милатовиќ, од друга страна, на Икс објасни дека поднесува оставка затоа што досегашниот начин на работа на ПЕС е спротивен на ветувањата и вредностите што ги имал предвид при основањето на партијата.
„При формирањето на Движењето Европа сега, им ветивме на граѓаните транспарентност во работата, рационален и аргументиран дијалог за политики кои се инклузивни и одржливи. Исто така, ветивме дека компетентноста и личниот интегритет ќе бидат одлучувачки фактори за вработување и унапредување и ветивме и поинаква политичка култура заснована на почитување на различностите и афирмација на европските вредности“, напиша Милатовиќ.
Тој истакна дека ПЕС била и ќе остане важен дел од него, бидејќи „заедно ја испишувавме историјата на демократските промени во земјата“.
„Како и досега, водејќи се единствено од интересите на граѓаните, како претседател на Црна Гора сите мои капацитети ќе ги насочам кон остварување на клучните државни приоритети“, вели Милатовиќ.
Во Црна Гора нашироко се коментира одлуката на Милатовиќ, а некои ја оценија како демократски потег.
Одлуката на Милатовиќ доаѓа и по повеќемесечниот конфликт со премиерот Милојко Спајиќ, кој е лидер на ПЕС. Милатовиќ беше министер за економски развој во владата на Здравко Кривокапиќ, првата влада формирана по парламентарните избори во 2020 година, кога Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Мило Ѓукановиќ беше поразена по триесет години на власт. Милатовиќ и Спајиќ беа заедно министри таа влада.
Откако владата на Кривокапиќ ја загуби довербата на пратениците во февруари 2022 година, Милатовиќ следен од Спајиќ го основаше движењето ПЕС, кое по претседателските и парламентарните избори во 2023 година стана најсилната политичка партија во Црна Гора.