Црногорската полиција во престрелка уби напаѓач кој пукаше во нејзини припадници за време на истрага за бомбашки напад на куќа на полицаец во Подгорица, пишуваат дел од локалните медиуми.
Во населбата Коник изутринава фрлени се две бомби на куќа на полицаец, а едната експлодираше. Потоа следуваше полициска истрага и пронајдени се две осомничени лица. За време на нивна идентификација и обид за приведување, еден од осомничените пукал кон полициските службеници. Полицијата возвратила, по што лицето било тешко повредено и пренесено во Клиничкиот центар, каде им подлегнало на повредите. Другиот осомничен бил уапсен.
Црногорската полиција беше мета на критики на јавноста откако не успеа да го неутрализира напаѓачот Вук Бориловиќ, кој ги уби своите потстанари, а потоа пукал и на соседите и на полициските службеници. Во нападот имаше 11 жртви, а се тврдеше дека напаѓачот бил убиен од сограѓанин.
Речиси два месеца по инцидентот, истрагата не покажа кој го уби Бориловиќ, наведуваат дел од медиумите.