Цивилни цели се под руско гранатирање во централниот украински град Днипро утрово, при што има жртви, соопштија службите за итни случаи. Тоа е првиот директен напад врз градот.
„Утрово, имаше три воздушни напади врз градот, погодени се градинка, станбена зграда и двокатна фабрика за чевли, при што избувна пожар. Едно лице загина“, се вели во соопштението на итната служба.
Украинскиот парламент соопшти дека руските сили нападнале институт во градот Харков во кој се наоѓа експериментален нуклеарен реактор, јави Скај њуз.
Се додава дека пожар избувнал во соседен хостел.
Антон Герашченко, советник на министерот за внатрешни работи, рече дека институтот содржи „извори на радијација кои се користат за научни цели“.
Подоцна, украинската новинска агенција Интерфакс објави дека пожарникарите го гаснат пожарот во хостелот, кој се простира на околу 100 квадратни метри, пренесува Хина.
Украинскиот нуклеарен регулатор соопшти дека „Русија уште еднаш изврши чин на нуклеарен тероризам“.